23/11/2024
Македонија

Започнува ЕУ проектот за подобрување на управувањето со заштитените подрачја

Со одржувањето на воведната работилница и официјално започна проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“. Проектот има за цел да ја подобри заштитата на природата и да промовира одржливо користење на природните ресурси, истовремено зголемувајќи ги институционалните капацитети, капацитетите на локалните самоуправи и граѓанските организации за управување и промовирање на заштитените подрачја и природните ресурси на професионален и одржлив начин.

Преку внимателно дизајнирани активности, ќе се покаже со конкретни примери и практични активности на терен како да се подобри управувањето со заштитетните подрачја. Со ова ќе се почне суштинска трансформација на начинот на кој државата управува со своите природни ресурси, преку создавање на примери кои постојано се унапредуваат, можат да се применуваат и на други места и јасно ја демонстрираат општествената и економска корист што произлегува од добрата заштита на природните ресурси“ – истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во воведното обраќање.

Според него, овој проект треба да се сфати како шанса и можност за помалите заштитени подрачја кои немаат управувачка структура да се добие широка поддршка за една вистинска и темелна заштита на природата во која јавноста ќе ги разбере сите директни и индиректни придобивки што ќе произлезат од заштитата и обновата на функциите на екосистемите и природните ресурси.

Во поздравното обраќање Луиза Винтон постојан претставник на програмата за развој на ОН рече:

Државата веќе има прогласено 86 заштитени подрачја кои покриваат девет проценти од нејзината територија, а многу други локации во моментов се разгледуваат. Меѓутоа, многу од овие области се изложени на неконтролираната експлоатација и деградација, преку штетни човечки практики, вклучувајќи нелегално сечење, депонирање на ѓубрето и изградба. Со буџет од 4,3 милиони евра обезбедени од европските фондови, нашиот нов проект е дизајниран да помогне заштитата наприродните ресурси од хартија да се спроведе во секојдневната практика.

Во рамките на проектот, планирано е доделување на 20-ина грантови на управувачите со заштитени подрачја, општините и граѓанските организации за активности кои ќе ја подобрат заштитата на природата, а истовремено ќе придонесат за благосостојбата на локалните заедници. Вредностите на грантот се движат од 50.000 до 400.000 евра. Јавниот повик за предлог проекти беше отворен на 4 декември, а крајниот рок за поднесување е 29 декември 2017 година. Избраните апликации ќе добијат прилагодена поддршка за подготовка на целосните проектни апликации и во нивната имплементација.

Воведната работилница им даде можност на потенцијалните кандидати да добијат дополнителни информации за Програмата за грантови и да добијат информации во врска со потенцијалните концептни идеи.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020, а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.