Започнува инвестициски циклус за подобрување на патната инфраструктура
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов на денешната прес конференција ја презентираа стратегијата и плановите на Владата за изградба, реконструкција, рехабилитација и обнова на патната инфраструктура.
Премиерот Заев соопшти дека 270 милиони евра се обезбедени оваа година за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе од 60 патни правци во должина од околу 800 км и соопшти дека започнува градежна офанзива на патна инфраструктура во Република Македонија.
„Станува збор за долгорочни инфраструктурни проекти од голем интерес за економијата, за граѓаните на Република Македонија и идните генерации. Инфраструктурното поврзување меѓу градовите, селата и населените места на цела територија на Република Македонија и инфраструктурното поврзување на земјата со земјите од регионот и Европа претставува стратешки и врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Работиме на тоа да обезбедиме вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт“, истакна премиерот Заев на прес конференцијата.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање информираше дека е започнат инвестициски циклус на подобрување на целокупната патна инфраструктура во државата, преку изградба на нови автопати, изградба на експресни и регионални патишта па се до реконструкција на оштетените патни правци кои со години наназад не биле реконструирани, а се суштинска потреба за граѓаните и целокупното стопанство.
„Сакам да потенцирам дека ова е најобемна програма со најголем број на проекти за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата. Практично цела Македонија ќе биде едно големо градилиште“, порача министерот Сугарески.
Тој истакна дека оваа година ќе заврши изградбата на двата автопати Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип и изрази очекување дека до април ќе се пушти во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица. Министерот Сугарсеки објасни во детали дека ќе продолжи и изградбата на автопатот Кичево – Охрид и во наредниот период ќе се направат проценки и анализи и препроектирање на тунел, проектирање на девет клучки, мостови и други позиции по што ќе се утврди износот на дополнителни средства.
„Годинава ќе завршиме и со рехабилитација на автопатската делница Неготино – Демир Капија во двата правци која беше најоштетена на Коридорот 10. Претходно завршиме со целосна реконструкција на делницата Миладиновце-Куманово и обратно од Куманово до Миладиновце како и делницата Смоквица-Гевгелија. Сакам да нагласам дека оваа година ќе имаме комплетно реконструиран, брз и безбеден автопат на Коридорот 10“, соопшти министерот Сугарески.
Министерот Сугарески информираше за отпочнувањето на изградба на три нови експресни патни правци Штип – Радовиш, втората фаза од патниот правец Прилеп – Градско и до Ранковце до Крива Паланка, инвестиции во висина од 100 милиони евра.
„Како отворена и одговорна Влада, политиките што ги преземаме во делот на инфраструктурата се во насока на обезбедување на два клучни моменти; прво економско зајакнување на Република Македонија и второ, обезбедување на квалитетен живот за сите граѓани на оваа држава“, рече минситерот Сугарески.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов во своето обраќање подетално ги објасни проектите за рехабилитација и обнова на оштетените патни правци низ Република Македонија.
„Веќе е завршен рамковниот тендер за 300 милиони денари каде што 5 патишта ќе почнат за десетина дена да се рехабилитираат“, соопшти директорот Китанов.
Директорот Китанов информираше дека е направен прецизен план за континуирана реализација на предвиденото и посочи дека во иднина ќе се посвети поголемо внимание на безбедноста на патиштата.
„Со Светска банка започнуваме соработка на еден сегмент за заштита на сите учесници во сообраќајот“, рече Китанов.
Тој информираше и дека е завршена тендерската постапка за новите современи електронски патарини со цел е да се елиминираат редиците, застојот и гужвата на патарините.
Обраќање на ПВРМ Зоран Заев на прес-конференција за проектите за изградба и реконструкција на патната инфраструктура
Почитувани,
Ми претставува задоволство заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов денеска пред граѓаните и јавноста да информираме за стратегијата и плановите на Владата на Република Македонија поврзани со изградба и развој на патната инфраструктура како исклучително важен сегмент од економскиот развој на Република Македонија.
270 милиони евра се обезбедени, само за оваа година, за изградба на нови патни правци, за комплетирање на започнатите инфраструктурни проекти и автопати како и за реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на регионални патишта.
Дел од овие средства се буџетски средства и средства на Јавното претпријатие за државни патишта, а дел се заеми од Светска банка, ЕБОР и ИПА2.
Дозволете ми да информирам дека со овие 270 милиони евра оваа година започнуваме офанзивна изградба, реконструкција, рехабилитација и обнова на повеќе од 60 патни правци ширум Македонија во должина од околу 800 км.
Со околу 20 милиони евра, буџетски средства и средства на ЈПДП ќе се работи на рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 км.
Оваа година ги комплетираме автопатите Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип.
Во текот на месец април започнуваме со изградба на два нови експресни патни правци, Градско – Дреново и Штип-Радовиш. Во тек е изградба и на експресен пат Чатал (Страцин) – Длабочица – Крива Паланка.
Со 86 милиони евра средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој се планира рехабилитација на 26 патни правци во должина од 422 км. Во текот на месец јуни започнува рехабилитацијата на 7 патни правци.
Со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патни правци во должина од околу 150 км.
Станува збор за долгорочни инфраструктурни проекти од голем интерес за економијата, за граѓаните на Република Македонија и идните генерации.
Дел од проектите ќе бидат завршени оваа година, дел ќе бидат започнати, но еден дел се очекува да бидат комплетирани во различни временски интервали следните неколку години.
Инфраструктурното поврзување меѓу градовите, селата и населените места на цела територија на Република Македонија и инфраструктурното поврзување на земјата со земјите од регионот и Европа претставува стратешки и врвен приоритет на Владата на Република Македонија.
Работиме на тоа да обезбедиме вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт.
Од тие причини, цврста е определбата на Владата да оствариме што е можно поголема реализација на капиталните инвестиции како во патната така и во железничка и енергетска инфраструктура, како темели на економскиот раст.
Квалитетно изградена патна инфраструктура ќе биде крвоток на стоки, услуги и транспорт на патници, и важен предуслов за зголемена трговска размена во земјата и на земјата со странство. Истовремено, тоа е и основа за привлекување на нови странски и домашни инвестиции.
Екипите веќе работат на терен на неколку патни правци, а дел ќе излезат на терен веднаш штом се создадат поволни временски услови кои ќе овозможат непречена работа.
Подетално за тековните и планираните активности ќе ве информираат министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кој во наредниот период ќе бидат редовно на терен и ќе ја следат динамиката на работата.