22/11/2024
ОхридСпорт

Започнува третото издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“

Над 1500 учесници ќе бидат дел од главните трки, на овогодинешното издание на Спортскиот атлетски викенд „Охрид Трчат”.

Стартот на официјалната програма ќе биде означен со Ноќната трка која ќе се одржи вечерва со почеток во 21 часот. Главните трки на 5 и 10 километри кои ги вклучуваат и тим билдинг трките ќе се одржат во недела на 2-ри јуни.

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, смета дека спортската манифестација „Охрид Трчат” прераснала во своевиден спортски бренд и го поставила Охрид на мапата на врвни спортски настани.

-Заложбите на организаторите и креативниот тим, кои стојат зад идејата и концептот на целокупната маратонска програма, ги препозна и несебично ги поддржа Општина Охрид како и бројни компании и фирми. Бројката од над 1500 пријавени учесници, кои викендов ќе трчаат на отворено по дефинираните тркачки траси низ Охрид, даваат јасен сигнал дека целта е постигната и дека третото издание на „Охрид Трчат” ќе биде еден вистински спортски спектакл, истакна Георгиески.

Тој очекува, овогодинешното издание на охридскиот атлетскиот викенд да донесе исклучително спортско уживање за сите учесници и дека ќе биде вистинско спортско доживување за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката.

-Пораката за поголема афирмација и промоција на трчањето и здравите спортски навики, кои се главна цел на „Охрид Трчат” и оваа година ќе биде гласно испратена. Се надевам дека оваа спортска манифестација ќе стане дел од една нова спортска традиција, по која Охрид ќе биде препознатлив на полето на спортот и дека истата ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам. До сега имам изјавено многупати, но во оваа прилика, сакам уште еднаш да повторам, дека Општина Охрид и јас како Градоначалник ќе бидеме секогаш подготвени за соработка и за поддршка на вакви креативни идеи и настани, надвор од шпицот на летната сезона и настани кои можат да дадат придонес во туристичкиот развој и подобра промоција на Охрид како туристичка дестинација, потенцираше Георгиески.

Од страна на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“ кои се организатори на „Охрид Трчат”, денеска на Градоначалникот Георгиески му беше доделен неговиот учеснички број на трките.

Освен организацијата на трките, како дел од  програмата од Охридскиот атлетски викенд, во рамки на утрешниот ден, предвидено е одржување на комерцијално Експо и Панел дискусија, на која ќе учествуваат организаторите на слични маратонски настани во регионот

Во целокупната организација на „Охрид Трчат” оваа година се вклучени над 200 волонтери, а околу 60 лица ќе бидат задолжени за техничката организација. За здравјето на учесниците во трките ќе бидат ангажирани над 40 медицински лица, кои ќе бидат координирани од страна на охридскиот Црвен Крст.