Заседаваше министерската работна група за спроведување на Планот 3-6-9
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска претседаваше со министерската работна група за спроведување на Планот 3-6-9, на која присуствуваа и министрите задолжени за реализација на законските решенија и мерките за реформи во правосудството, реформа на безбедносните и разузнавачките служби, за работата на Собранието на РМ, во делот на именувањата на државните функционери, во областа на реформите на јавната администрација и доброто управување, во борбата против организираниот криминал, корупцијата, тероризмот и насилниот екстремизам, во граѓанското општество, како и во делот на реформите на изборната регулатива и мигрантските политики.
На седницата на министерската работна група реферираше Заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој, истовремено, е и задолжен за следење на имплементацијата на Планот 3-6-9, кој информираше дека реализацијата на предвидените законски решенија и мерки се одвива според предвидената динамика, но и дека дел од некои од суштинските реформски закони и мерки се соочуваат со пробивање на роковите заради блокадите во работата на Собранието на Република Македонија, посебно во делот на законите за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Од работата на денешната седница на министерската работна група за спроведување на Планот 3-6-9 призлегоа препораки кои на надлежните министерства им налагаат да ги интензивираат завршните активности за имплементација на предвидените закони и мерки со запазување на роковите во однос на априлскиот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјата во реализацијата на Планот 3-6-9, како и заклучокот да продолжат средбите на работните групи со опозицијата за обезбедување амбиент за заедничко учество во донесувањето на реформските законски решенија.
На денешната седница на оваа министерската работна група е донесен и заклучок со кои се задолжуваат надлежните министерства да ја отпочнат подготовката на предлози за новиот пакет реформски законски решенија и мерки кои ќе треба да се реализираат до крајот на 2018 година.
Денешниот состанок на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, е дел од механизмот што го воспостави Владата на РМ, преку кој редовно, се следи имплементацијата на планот.
За текот на имплементацијата соодветно се информираат Собранието на РМ, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ, како и граѓанското општество, експертската и пошироката јавност.