Заврши 12-та седница на Советот на општина Охрид
Советнички прашања, беше единствената точка по кој расправаа советниците на денешната Седница на Советот на општина Охрид што се одржа по 12-ти пат.
Градоначалникот Јован Стојаноски заедно со претставници од надлежните служби одговараше на прашања од областа на урбанизмот, образование, спорт, култура и инфраструктура што беа упатувани до него од страна на советниците од власта и опозицијата.
На советничко прашање беше истакнато дека за седум месечниот период колку што е на власт актуелниот градоначалник во областа на инфраструктурата на територијата на Охрид направено е многу.
Поставена е канализациона мрежа во должина од 1 300 метри, изградена е нова водоводна линија во должина од 580 метри. Во овој период е завршена реконструкцијата на улица “Македонија“ од кружниот тек кај градскиот плоштад до пресекот со улица „Јане Сандански“ во должина од 550 метри и ширина од 12 метри. На улицата „Сирма Војвода“ асфалтирани се неколку краци во должина од 280 метри. Во селото Лескоец асфалтирани се улици во должина од 300 метри, а во село Рача асфалтирани се двата влезови кои водат до ова населено место.
На Седницата беше споделена и информацијата дека ЈП „Градски гробишта“ за шест месеци успеало да го намали наследениот долг за околу 53 илјади евра, а ЈП „Билјанини извори“успеало да го сервисира наследениот долг по различни основи за 3 милиони денари.