22/11/2024
Охрид

Заврши 31 издание на Поетска ноќ во Велестово

Со претставувањето на романот „Некој беше тука“ од Николина Андова Шопова, синоќа во Охрид заврши 31-то издание на интернационалната манифестација Поетска ноќ во Велестово.

Во трите фестивалски вечери пред многубројна публика се претставија десетина уметници (поети, музичари, сликари, актери, како и теоретичари) од три земји: Македонија, Ирска и Бугарија.

Првата вечер се одржа во село Велестово, а беше отворена со спектакуларен настап на Зарина Првасевда и Александар Петров на тапан. Понатаму, програмата продолжи со поезијата на Иван Џепароски во интерпретација на актерот Владимир Јачев и беседата на проф. д-р Наташа Аврамовска. Вечерта заврши со отворањето на изложбата на академскиот сликар Воскресија Андреевска.

Следниот ден, во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид се одржа настанот „Поезија напладне“ со Поли Муканова, под модераторство на охридскиот поет Зоран Јакимоски, а имавме можност да чуеме стихови и од поетот Владимир Левчев од Бугарија.

Истата вечер во Кафé и бар „Шила“ во Охрид, се одржа промоција на стихозбирката „Жалба до Музата“ од ирскиот поет Џери Марфи, избор и препев на Јулијана Величковска. Стихови читаше актерот Јован Цветкоски, а книгата ја претстави проф. д-р Димитар Пандев.

Во рамки на манифестацијата излезе и 19. број на интернационалната ревија Поетска ноќ во Велестово.