25/11/2024
Македонија

Заврши и неофицијалниот дел на програмата на 57-те Струшки вечери на поезијата

Синоќа во Даут пашиниот амам со Меѓународното поетско читање на 20-ина поети заврши и неофицијалниот дел на програмата на 57-те Струшки вечери на поезијата.

На последниот ден од фестивалот поетите учествуваа на Поетското матине на Матка, а потоа и на традиционалото поетско читање во центарот на Скопје. Меѓу поетите кои читаа пред скопската публика беше и годинашниот добитник на „Златниот венец“ на СВП полскиот поет, Адам Загајевски, чија поезија е објавена во едицијата „Плејади“, во тријазично издание на македонски, полски и англиски на 800 страници. Препевот на стиховите на македонски е Звонко Димоски. Загајевски денеска (вторник) во 11 часот ќе биде прогласен за почесен член на Друштвото на писатели на Македониаја.

Поетот Зоран Анчевски, за „Небесна пантомима“ е добитник на најпрестижното признание за домашен автор „Браќа Миладиновци“, кое СВП го доделува за најдобра поетска книга меѓу два фестивала.. На посебен портрет минатогодишниот добитник Михаил Ренџов беше претставен низ неговата наградена стихозбирка „Јас. Елегии“ што во издание на фестивалот излезе и на англиски јазик, во превод на Владимир Цветковски.

Паули Тапио е добитник на наградата „Мостови на Струга“, награда што фестивалот ја доделува во соработка со УНЕСКО, а неговата поезија од англики ја преведе Никола Ѓелинчески.

На поетското кафе на СВП дојдоа и десетина директори на странски фестивали, издавачи и агенти кои одржаа плодна панел дискусија за значењето на соработката меѓу фестивалите, поетите и мостот со издавачите, преведувачите и публиката. Во поетските портрети на неколку наврати беа претставени и четворица поети дел од платформата „Веерсополис“: Јекта (Франција), Татев Чакијан (Ерменија), Тицијано Фтарус (Италија) и Ана Брнардиќ (Хрватска).

„Писмото во егзил/егзилот во писмото“ беше главната тема на истоимениот симпозиум на кој учествуваа поети што и самите творат во егзил, а пак преведувачката средба беше со наслов „Изгубено/најдено во преводот“. Посебен дел од програмата беше омажот на неодамна починатите Милан Ѓурчинов, Матеја Матевски и Лилјана Дирјан, чие творештво и креативна енергија се тесно поврзани со СВП.

Во Охрид беше одржана промоција на книгата „Малку злато во калта“ од еминентниот француски поет, добитник на Гонкур, Ги Гофет, за чие творештво говореше Влада Урошевиќ, кој еи негов препејувач на македонски јазик.

Во рамките на програмата „Поезија на пат“ караванот со дел од поетите отпатува во Прилеп, Битола и Охрид.

Наградата „Енхалон“ за најдобро прочитана песна од млад македонски поет на полноќните „Ноќи без интерпункција“ беше прогласена „Само малку молитва“ од Митко Гогов, а Ида Бројел од Шведска ја доби наградата за најдобра песна посветена на виното. Во соработка со Агенцијата за иселеништво, СВП ја додели и наградата „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга на поет од дијаспората. Годинашен добитник е Наум Трајкоски.

Годинава Струга беше домаќин на 30 странски поети од исто толку земји и 50-тина македонски поети, со што Струшките вечери на поезијата уште еднаш го потврдија својот углед како еден од најстарите и најголеми фестивали во светот, посветени исклучиво на поезија.