Заврши петтото јубилејно издание на „Вдиши театар“
Со настапот на театарскаите групи на Црвен крст Ужице и Црвен крст Крагуевац на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ беа спуштени завесите на петтото јубилејно издание на Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ кој во организација на Црвен крст Охрид од 13-17 јуни 2018 г. се одржа во Охрид.
Талентираните млади актери од Ужице ја изведоа претставата „Сузе и солзи“ преку која на сликовит начин низ ликовите на 5 девојки и 1 момче, го прикажаа периодот на адолесцентските години, предизвиците, изборот, правилен или не, последиците кои го носи ова преодно време.
Театарската група од Крагуевац со изведба на претставата „Луѓе во црно“ ја отвори приказната за плановите, судбината, силата, среќата, вољата и шансата на младите луѓе кои се соочени со предизвикот да најдат соодветно вработување.
И оваа година Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според големиот интерес, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор.
Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја иаскористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.
Изразуваме искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до сите институции, фирми и поединци кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на јубилејното петто издание на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ 2018.