27/11/2024
Охрид

Заврши првата Еразмус посета во ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец

Не менувај ја климата, промени се себе си! Со ваков заклучок се заврши првата Еразмус посета во ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, Охрид.

Во рамки на програмата Еразмус+, ОУ Ванчо Николески од Лескоец од 3-ти до 9-ти ноември беше домаќин на вкупно 11 наставници/стручни соработници од Велика Британија, Португалија, Романија и Турција. Ова училиште заедно со училишта од овие држави е вклучено во заедничкиот проект со наслов „Чиста околина – долг живот“, што ќе се реализира до јуни 2021 година. За време на оваа посета се работеше според однапред изготвена програма на тема „Климатски промени“, за што се реализираа голем број работилници, презентации и посети во соодветни институции. Учесниците имаа можност да ги посетат „Хидробиолошкиот завод“ во Охрид, НП „Галичица“ и музејот на вода во „Заливот на коските“, од каде добија информации за климатските промени на локално ниво, како и влијанието на истите врз локалната флора и фауна. Исто така имаа можност да соработуваат и да разменат искуства со претставници од НВО што ја третираат оваа проблематика. За учесниците во текот на нивниот престој во Охрид беше организирана посета на општина Охрид и средба со заменик градоначалникот на Охрид, како и посета и разглед на значајни културно – историски знаменитости во нашиот град и околината.

„Целите на оваа средба се целосно постигнати. Донесени се потребните заклучоци и изготвени се сценарија за примена на знаењата од оваа средба во работа со учениците. Размислуваме глобално, но ќе дејствуваме локално. Секој од нас во својата земја и својата околина. Ќе реализираме активности со кои ќе се трудиме да ја зачуваме чиста нашата природа.“ – велат од училиштето.

ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец во периодот од 17-ти до 23-ти ноември е домаќин на друг Еразмус+ проект, овојпат на наставници и ученици од: Полска, Португалија, Италија, Грција и Турција, на тема: „Бришење бариери преку споделување културно наследство“. Учеството во вакви проекти отвора можности за размена на искуства, проширување на знаењата и професионален развој на воспитно – образовниот кадар.