26/11/2024
Охрид

Заврши Седматa годишна истражувачка конференција на Народната банка

Денес, во Охрид, успешно заврши работниот дел од Седматa годишна истражувачка конференција на Народната банка на Република Македонија, насловена како: „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

Во текот на првиот работен ден, вчера, на Конференцијата беа презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија и Австрија, на претставници на Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Дискусија за темите на истражувачките материјали имаа и претставници на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс, Франција и од Народната банка на Република Македонија. Во рамки на денешниот работен ден беа разгледани повеќе различни, но важни прашања од областа на централното банкарство, меѓу кои: реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот. Учесниците на Конференцијата водеа плодна дискусија со која сакаат да дадат придонес со давање одговори на опфатените економски прашања и разменија искуства коишто ќе им овозможат пред сѐ на централните банки подобро да се справат со идните предизвици.

Денес, воведно предавање одржа гувернерот на Централната банка на Белгија, на основната тема на Конференцијата. Излагачи на првата панел-дискусија денес беа гувернерите на централните банки од Македонија, Белгија, Хрватска, Албанија и Косово. Тема на панел-дискусијата на гувернерите беше новиот глобален циклус и нормализирањето на монетарната политика. Во втората панел-дискусија учествуваа: регионалниот резидентен претставник на ММФ за Централна и Источна Европа, директорот на Здружениот институт од Виена и вицегувернерот од Банката на Словенија. Тема на втората панел-дискусија беа капиталните текови – изгледите и ризиците на регионот.

Покрај наведените учесници, на Конференцијата зедоа учество и претставници на повеќе централни банки од регионот, ЕУ и пошироко, како и од истакнати светски универзитети и меѓународни организации. Деловните банки од Република Македонија и другите финансиски институции, како и државните институции, исто така беа присутни со свои претставници.

Во рамки на Конференцијата беше врачена Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, којашто Народната банка, традиционално ја доделува од 2007 година па наваму. Годинава, му е доделена втора награда на младиот истражувач Кирил Симеоновски, за трудот „Економски раст во услови на оптимално управување со јавниот долг во Македонија“.

Оваа конференција традиционално се одржува во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Република Македонија.