Завршија Училишните спортски игри
Со финалните натпревари во мал фудбал помеѓу учениците од општинските основни и средни училишта, денеска во спортскиот центар „Тодор Александров“ во Велгошти завршија овогодинешните Училишни спортски игри, кои ги организираше Сојузот за училишен спорт.
Во конкуренцијата помеѓу средните училишта на натпреварите во мал фудбал, најдобри беа учениците од ОСУ „Свети Климент Охридски“ кои го освоија првото место. Второто место им припадна на учениците од угостителското училиште „Ванчо Питошески“, а третото место го освоија учениците од СОСУ „Свети Кирил и Методиј“.
Во категоријата за основно образование, првото место им припадна на учениците од ООУ „Христо Узунов“. На втората позиција се најдоа учениците од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, а третото место им припадна на учениците од ООУ „Григор Прличев“.
Во името на Локалната самоуправа, наградите на најуспешните училишни екипи ги додели советникот во Советот на Општина Охрид, Наум Јамандиев.
Натпреварите од Училишните спортски игри се одржуваа во два дела, есенски и пролетен дел, а освен во мал фудбал, учениците се натпреваруваат и во одбојка, баскет, ракомет, атлетика, пинг-понг и шах.
WebOhrid / 07.06.2023 / Општина Охрид