22/11/2024
Македонија

Заживува проектот за изградба на ХЕЦ Чебрен

Денес, во Владата на Република Северна Македонија, вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација (IFC) задолжена за Европа, Јужна Америка и Карибите и Централна Азија, г-ѓа Џеорџина Бејкер потпишаа договор за соработка за ажурирање на техничка студија за изградба на ХЕЦ Чебрен, чекор со кој се заживува овој значаен за земјата енергетски проект.

Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека проектот за изградба на ХЕЦ Чебрен е проект за кој се зборува подолг временски период и за кој во минатото имаше десетина тендери кои беа неуспешни. Меѓународната финансиска корпорација и во минатото беше вклучена во подготовка на студијата и тендерска документација за ХЕЦ Чебрен, Владата процени дека е разумно и прагматично тоа што досега е направено да не биде отфрлено, односно да бидат искористени делови од студијата, а притоа истата да биде надоградена со најнови податоци од технички аспект како и со анализи за пазарот на електрична енергија во регионот во моментот.

„Денес, променети се повеќе работи. Прво, Променет е енергетскиот пазар во регионот, денес тој е многу полиберален во однос на минатото, и тој момент треба да го искористиме бидејќи Чебрен ќе биде електрана која ќе има можност за давање на секундарна регулација или таканаречена балансна енергија и таа има своја вредност во привлекување на инвеститори. Втора промена е што проектот ќе се изведува на принцип на јавно приватно партнерство, каде АД Електрани на Северна Македонија, која денес е многу постабилна и поуспешна компанија, ќе биде јавниот партнер. Исто така, Република Северна Македонија денес се препознава како стабилна земја за инвестирање, што се гледа и по нивото на странски директни инвестиции. Ако се земе во предвид дека инвестициите во енергетиката се исплатливи на подолг рок, инвеститорите се секогаш заинтересирани проектите во енергетиката да ги реализираат во стабилни земји. Чекорите кои Владата ги превзема за членството во НАТО и отворањето на преговорите за членство во ЕУ, ја прават нашата земја многу постабилна и поатрактивна дестинација за инвеститорите“, потенцира Анѓушев.

Меѓународната финансиска корпорација ќе даде поддршка на Владата во проценката на можностите на ХЕЦ Чебрен во однос на регионалните енергетски системи. Целта на ИФЦ е да се помогне на Владата на Северна Македонија да го забрза оджливиот економски раст и да создаде нови работни места, како и да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, потенцираше потпретседателката на ИФЦ Џеорџина Бејкер.

„ИФЦ ќе изврши проценка на трансакциските структури во однос на легислативата на ЕУ, а ќе извршиме и проценка на можниот интерес на меѓународните инвеститори за овој проект. Владата на Република Северна Македонија има амбициозни цели за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, а Меѓународната финансиска корпорација сака да биде дел од сето тоа“, подвлече Бејкер.

Студијата за ХЕЦ Чебрен се очекува да биде ажурирана до последниот квартал на 2019 година, по што следува распишување на јавен тендер, кој би траел неколку месеци. Изборот на приватен партнер се очекува до крајот на првата половина на 2020 година, по што би започнала градбата на ХЕЦ Чебрен. Инсталираниот капацитет на хидро централата се очекува да биде од 300-350 MW, a во согласност со реалната динамика на изведување на работите за вакви проектите, се очекува првото производство од Чебрен да биде по 2025-2026 година.