26/11/2024
Охрид

Здравевски: Младите во Охрид заслужуваат просперитетна иднина, но со СДСМ очигледно тоа не е возможно

Во просториите на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид денес се одржа прес-конференција, на која говореше Александар Здравевски, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Младите во Охрид се жртва на манипулациите на СДСМ и градоначалникот Јован Стојаноски. Излезе на виделина лажната перспектива за младите и божемното привлекување на младите генерации. Младите се чувствуваат гневни, измамени, злоупотребени по досегашните изминати кошмарни 8 месеци. Реформите направени од ВМРО-ДПМНЕ гледаме како една по една се укинуваат. Извадена Ви е шминката што им ја нудевте на младите.

Господине градоначалник Стојаноски дали затоа што чувствувате вина и одговорност свесно го заборавивте Меѓународниот ден на младите?

Локалниот совет на млади формиран во времето на градоначалникот Д-р Никола Бакречески токму по повод Меѓународниот ден на младите повеќе не функционира.

Осум месеци поминаа Ве прашуваме секој досегашен месец на кој спорт му беше посветен, ако знаеме дека ветивте организирање „месец на спортот“?

До каде се ветувањата дека по завршувањето на образованието за младите ќе понудите три опции, со кои ќе помогнете во животот, и тоа вработување, практиканство и дообука?

Ова ли е грижата за младите да го ускратите нивното право да искажуваат идеи, предлози и младински политики. Тажно и погубно е да бидете против младите во Охрид. Тргнете ги рацете на дневната партиска политика кога станува збор за младите. Охрид се сака со труд, работа и со резултати, доста понижување и темна иднина за младите.

Младите во Охрид заслужуваат просперитетна иднина, но со СДСМ очигледно тоа не е возможно.“ – истакна Здравевски.