Здраво и активно стареење
Во време на непредвидливи промени за здравјето, еден тренд е загарантиран: населението во светот се побрзо старее и оваа демографска транзиција влијае врз скоро сите аспекти на општеството. Стареењето на популацијата, само по себе наметнува голем број квалитативни и квантитативни здравствени ,економски и социјални проблеми.
Луѓето во светот живеат подолго. Денес, за прв пат во историјата повеќе луѓе имаат можност да доживеат 60 години и повеќе. До 2050 година се очекува популацијата над 60 години да достигне 2 милијарди, за разлика од 2015 кога изнесувала 900 милиони. Падот на стапката на наталитетот и продолжениот животен век ја менува демографската слика во земјите низ светот.
Светскиот извештај за стареење и здравство дава рамка за акција која придонесува за поттикнување на здравото стареење изградена околу новиот концепт на функционални способности. Инвестирањето има вредни социјални и економски придобивки, како во однос на здравјето и благосостојбата на постарите лица, така и во овозможување на нивно постојано учество во општеството.
Состојба во Република Македонија
Во креирањето на сликата за старото население, воопшто не изостанува и Република Македонија. Иако млада во својата независност, таа неодамна го помина прагот на демографската старост. Со 15% старо население над 60 години, на Пописот во 2002 година, Република Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12%.
Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2007 до 2017 година, учеството на младото население (0-14 години) во вкупното е намалено од 18.5 % на 16.5 %, а учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 11.4 % на 13.7 % Поголем број на жени се забележува во старосната група од 65 години и повеќе. Промените во старосната структура на населението во Република Македонија имаат своја рефлексија врз бројот на умренитe лица во државата. Просечната возраст кај умрените од женски пол изнесува 74.7 години, односно 70.3 години кај лицата од машки пол.
Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на живот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и просечниот животен век ќе изнесува 74,9 години, за да во 2050 година достигне 79,5 години.Извор: Државен завод за статистика
Најчести заболувања кај старите лица
- болести на кардиоваскуларниот систем ( покачен крвен притисок, срцева слабост и др.)
- болести на гастроинтестиналниот систем
- болести на респираторниот систем
- неоплазми
- болести на нервниот систем и сетила
- болести на мускулно-коскениот систем (остеопороза, Паркинсон..)
- болести на урогениталниот систем
- повреди и труења
- ендокрини заболувања на метаболизмот и исхраната (дијабет)
- ревматски заболувања
- депресија, несоница, деменција
Старите лица најчесто заболуваат од повеќе хронични незаразни болести. Пред се, тоа се кардиомиопатијата, исхемичните болести на срцето, ХОББ или хроничната обструктивна белодробна болест, фрактурата на фемурот, дијабетот и карциномите на белите дробови и дојката кај жените се најчестата патологија која болнички се третира согласно податоците за регистрираниот болнички морбидитет во Република Македонија во изминатиот период.
Морталитет
Во Република Македонија значајни промени се настанати во старосната структура на населението. Промените ва старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умрени лица во земјата.
Стапка (на100000) на умрени лица според според возраст, пол и причина за смрт во Р. Македонија во 2017 година
Во вкупната смртност на населението во Република Македонија во 2017 година поголемиот број на умрени лица се на возраст од 65 и повеќе години, пришто најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавуваат неоплазмите,следуваат случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести, а на четврто место се застапени случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем.
Препораки
Здравото стареење би значело создавање на средини и можности кои им овозможуваат на луѓето да бидат и да го прават она што го вреднуваат во текот на нивниот живот. Секој може да доживее активно и здраво стареење, доколку се применуваат следните мерки и активности:
- Спроведување на статистички истражувања во врска со здравствената состојба и животен стил на оваа групација на национално ниво, со цел да се добијат детални информации од самите засегнати граѓани на трето доба;
- Отварање на центри за дневно и привремено прифаќање на стари лица;
- Вклучување на старите лица во планирање, имплементација и општествена евалуација на локални здравствени, социјални и рекреативни активности;
- Создавање на реални и позитивни слики на активно стареење во медиумите и популарната литература со цел отстранување на негативните стереотипи;
- Континуирана промоција на здравје кај старите лица, и едукација за штетните ефекти на пушењето, алкохолот, лошата исхрана и промовирање на физичката активност;
- Зголемување на бројот на домови за стари лица во Република Македонија, кои ќе бидат надвор од територијата на градот Скопје;
- Пропишување и почитување на соодветни стандарди во давањето услуги за стари лица;
- Развој на геријатрија во Република Македонија, едукација и обука на тимови кои работат со оваа категорија на лица;
- Информирање на старите лица и нивните семејства, за правата и услугите кои старите лица можат да ги остварат во системите на заштита.
Користена литература:
- 10 priorities towards a decade of healthy ageing, Available from: http://www.who.int/ageing/WHO-ALC-10-priorities.
- Државен завод за статистика на Република Македонија. „Македонија во бројки“, Скопје, 2016, стр 13.
- Национална стратегија за стари лица 2010 –2020, Министерство за труд и социјална политика, јуни 2010
- Ageing and health, Key facts, Available from: http://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/ageing-and-health
Подготви: Сектор за промоција, анализи и превенција на незаразни болести при Институтот за јавно здравје на Р.Македонија.