Здружение ЕСЕ: Во обраќањето на министерот забележавме и одредени недостатоци
Здружение ЕСЕ испрати реакција по повод обраќањето на министерот за здравство д-р Венко Филипче за презентираните мерки за намалување на смртност на новороденчињата и родилките.
„Сакаме да ја поздравиме иницијативата на Министерството за здравство да го реши проблемот со високите стапки на смртност на новороденчињата и родилките во земјава.
Во обраќањето на министерот забележавме и одредени недостатоци.
Според нас во изјавата на министерот Филипче недостасува адресирање на проблемот во однос на високата стапка на доенечка смртност која исто така е значаен проблем во Македонија. Стапката на доенечка смртност во земјава е загрижувачка и е двојно поголема од европскиот просек. Според последните податоци стапката на доенечка смртност во 2015 година е 8,6 починати деца помали од една година на 1000 живородени, што е двојно повеќе од европскиот просек, односно 5 на 1000 живородени.
Оваа стапка на доенечка смртност претставува значаен показател за здравјето на популацијата, бидејќи се води од предпоставката дека факторите кои влијаат врз здравјето на целата популација имаат влијание врз стапката на смртност кај доенчињата.
-Сакаме да истакнеме дека индикаторите за стапките на перинатална, новороденечка и доенечка смртност претставуваат комплексни индикатори кои се поврзуваат со квалитетот на антенаталната грижа, перинаталната и постнаталната грижа, кои се дел од трите нивоа на здравствена заштита (примарна, секундарна и терциерна). Одредени општествени фактори како и тековните реформи во здравствениот сектор дополнително влијаат врз квалитетот на перинаталната грижа. Стапката на доенечка смртност претставува мошне сензитивен прокси индикатор за состојбата со здравјето на целото население, преку кој може да се евалуира и да се споредува квалитетот на здравствените системи помеѓу различните држави, а исто така овозможува и брза проценка за квалитетот на храната и водата, домувањето и обезбеденоста со облека, како и достапноста на здравствената заштита и образованието на популацијата.
Во изјавата на Министерот исто така недостасува образложение за досега утврдените причини за високата стапка на смртност на овие ранливи групи, врз кои се темелат предлог мерките.
На полето на унапредување на здравјето на мајките и децата и намалување на стапката на смртност на новороденчињата и доенчињата работат поголем број на организации и институции, кои можат да дадат свој придонес во заложбите на Министерството на ова поле, меѓу нив е и ЕСЕ.
Со цел сите заинтересирани страни да дадат придонес во овој процес сакаме да потенцираме дека од страна на Министерството потребно е да биде дадено образложение за идентификуваните причини, меѓутоа и подетално образложение на сите предлог мерките, особено вклучувајќи ги следните:
– Појаснување за методологијата за детектирање на вистинските причини за смртност.
– Објаснување за тоа која опрема недостасува во родилиштата на секундарно ниво.
– Кои лекови досега не се регистрирани во Македонија, а се животно-спасувачки за мајките и новороденчињата.
– Каков вид на податоци е планирано да се прибираат преку интегрираниот информативен систем.
– Преку кои релевантни институции ќе се спроведува едукацијата и информацијата на жените и дали е потребно дополнително зајакнување на овие институции.
Според нас во излагањето на Министерот Филипче потенцираната несоодветната грижа на жените за своето здравје и здравјето на своите деца не може да се земе како клучен проблем по однос на ова прашање, особено земајќи ја во предвид состојбата со недоволен број на здравствен кадар и нееднаква територијална дистрибуција (особено по однос на специјалистите по гинекологија и педијатрија во примарната здравствена заштита), како и останатите недостатоци во обезбедувањето на здравствената заштита на мајките и децата во Македонија.
Здружение ЕСЕ работи на полето на унапредување на здравјето на жените од 1995 година, а конкретно со работата на полето на намалување на смртноста на родилките, новороденчињата и доенчињата започна со работа во 2016 година.
Повеќе за нашата работа на ова поле може да проследите во публикацијата која Ви е достапна на следниот линк – http://www.esem.org.mk/pdf/Publikacii/2017/Doenecka%20perinatalna%20i%20majcina.pdf .“– стои во реакцијата.