25/11/2024
Охрид

Здружението „Чекоштина урбан“ ќе се залага за подигнување на квалитетот на живот во Чекоштина

Неодамна во Охрид се оформи ново Здружение „Чекоштина урбан“. На денешната прес-конференција, претседателот на здружението, Иван Огненов, заедно со членовите на управниот одбор ги претставија активностите со кои ова здружение ќе се залага за подигнување на квалитетот на живот во месноста Чекоштина – Охрид. Предвидени се: проектирање и изведба на инфраструктурни проекти (патишта, електрични и други енергетски врски, водовод и канализација, телекомуникациски и други инсталации, јавно осветлување и сл.), урбанизација на делот кој не е во опфат на генералниот план, регистрација на месноста Чекоштина како населба во општина Охрид и воведување на уличен систем, организација на комунална хигиена, како и други активности кои се во интерес на членовите/жителите.

„Новото Здружение на граѓани „Чекоштина урбан“ е здружение за развој. Ова здружение го формиравме со цел да промовираме кои се нашите потреби и кои се нашите цели и кои се проблемите со кои се соочуваме. Чекоштина порано, заедно со Горица била област во која се негувале лозови насади заради нивната положба, но сега во последно време таа се развива на многу интензивен начин и населена е со прилично голем број жители кои немаат ништо од инфраструктура. Целта на здружението пред се е да се избориме заедно со Локалната и централната власт и со други организации да успееме да го подобриме квалитетот на живот на оваа област.  Во таа наслеба со повеќе од стотина куќи во кои живеат луѓе и голем дел кои ги користат како викенд-куќи не постои уличен систем, не постои обележување. Самата населба не е означена како населба од страна на Општината и ние кои таму живееме веќе подолго време имаме проблем, не можеме да ги регистрираме нашите живеалишта, не можеме да добиеме лични карти од Министерството за внатрешни работи и не тераат да го решиме проблемот секој индивидуално, се уште се водиме на старите адреси, што всушност е прекршок. Комунално не можеме да решиме никаква хигиена, патиштата воопшто не се пробиени, да не зборувам за канализација, водовод и слични потреби на населението. Сакам да кажам дека голем дел кај што е урбанизирана населбата исто така проблемите се такви. Освен овие проблеми што ги наброив, се соочуваме и со кучиња скитници, тоа е нов проблем, но кај нас е посебно изразен. Ние имаме решено со заеднички сили, со напори на сите кои тука живееме и се зачленивме во ова здружение да потегнеме некои работи сами да ги решиме, но за тоа ќе ни треба секако и помош од Општината.“ – истакна Иван Огненов, претседател на Здружението „Чекоштина урбан“.

„Сметаме дека со ова здружение ќе се подигне јавната свест и кај нас што ги користиме недвижните имоти таму, меѓутоа и во Локалнава самоуправа за елементарни услови за опстојување на оваа населба. Уште во 1986 година е донесен урбанистички план, за делот што е во КА Охрид, меѓутоа незнам од кои причини не се пристапи кон уредување на просторот со потребна инфраструктура. Имаше една иницијатива за градба на некое шведско село. Се работи за исклучителен простор кој што во поранешна Југославија, после островот Хвар има најмногу сончеви саати. Во овој момент на загадена животна средина сметам дека има потенцијали да се искористи со користење на фотоволтаични централи, а може и за енергија од ветерници.“ – изјави Станко Јовчески, член на управниот одбор на Здружението „Чекоштина урбан“, поранешен вработен во Министерството за транспорт и врски.

Во здружението членуваат жители на Чекоштина, а доброволно може да се зачленат и сите заинтересирани кои поседуваат или користат недвижен имот во Чекоштина.

WebOhrid