Здружението „Титоисти“ со честитка по повод Денот на борецот
Здружението „Титоисти“ од Охрид упатува честитка и воедно ги потсетува сите граѓани на 4-ти јули – Денот на борецот.
„Почитувани сограѓани, во овие тешки времиња кога се забораваат основните вредности и постулати на слободата на Македонското тло и споменот на нејзините творци се повеќе избледува, дозволете да се потсетиме, а истовремено и младите генерации да ги потсетиме на значењето и на истрајната симболика на денешниот датум, Денот на борецот!
Денес е мигот на мало приспомнување на најхрабрите во својата генерација, вградени во колективната Македонска историја, посебно од периодот на Втората Светска Војна, денес толку склона на прекројување, на оспорување и на повторно пишување!
Без нивната беспоштедна и искрена партизанска саможртва која во последната деценија некои историски современици се обидуваат да ја стават на маргините на вековната борба за Македонска независност, нашата земја денес немаше да чекори по нејзиниот самостоен пат!
Нивните заслуги за трасирањето на патеките на модерната држава, Република Македонија, имаат исклучително голема важност и крајно позитивни резултати!
Историјата треба да го потсети Македонскиот народ на сите негови синови од можеби најзначајната епопеја во битката за наше парче татковина, Народноослободителната Војна се нераскинливо испреплетени и поврзани со непокорот и со нескршливиот дух на Македонските илинденци, но и со сите оние кои низ вековите бдееле над земјава!
Ние не смееме да дозволиме новите државни елити да ја менуваат историската подлога и да ги минимизираат улогата и значењето на едните наспроти другите, затоа што на тој начин ќе бидеме одговорни пред нашите предци, но првенствено, пред оние кои што ќе дојдат по нас!
Македонија мора и треба да им оддаде максимална почит на симболите на нејзиното слободарско минато чии дела неминовно треба да се преточат не само во сегашноста, меѓутоа и во иднината!
Тие се олицетворение на младешките идеали на партизаните како достојни продолжувачи на светата Илинденска мисија за независна и слободна држава, на оние млади луѓе кои ги положија сопствените животни приказни за некои нови идни генерации да ги сонуваат нивните прерано прекинати и неотсонувани соништа, во едно друго и поубаво време, на кое сме сведоци токму ние!
Честит празник!“ – стои во честитката од Здружението „Титоисти“.