Жените возат одговорно! Биди горда што си ЖЕНА и што си безбеден ВОЗАЧ!
Улогата и значењето на жената за безбедноста во сообраќајот не се ограничува само на нејзиното влијание како возач и како учесник во сообраќајот. Сообраќајната култура, етика, навиките на однесување во сообраќајот се учат од најмали нозе, а тука улогата на жената како мајка, родител, старател, воспитувач и едукатор е неприкосновена.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за внатрешни работи, Скопје Сити Мол и Здружението Љубители на класик мини и Пежо 404, по повод 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената, организираат заеднички настан пред платото на Скопје Сити Мол.
Во склоп на настанот ќе биде организиран почесен круг низ центарот на градот, под мотото „НАМАЛИ ЈА БРЗИНАТА, ЗГОЛЕМИ ЈА СООБРАЌАЈНАТА КУЛТУРА“ на кое активно учество ќе земат успешни жени од различни професии (возачи на автобус, пилот, полицаец, пожарникар и др).
Да се биде жена возач во 21 век, не е ниту привилегија, ниту демонстрирање на општествен статус, ниту културен манир или моден детал, туку едноставно тоа е потреба и сериозна обврска. Динамиката на живеење и секојдневните и многубројни обврски кои современата жена треба да ги исполни во еден работен ден, како на работното место така и во рамките на семејството, ја прават жената сигурна, цврста, истрајна, решителна, упорна и успешна во сите сфери на општественото живеење, па и во возењето.
Сите возачи секогаш треба да ги имаат предвид можните опасности и несакани ситуации во сообраќајот, како и начините за нивно избегнување.
Статистиката потврдува дека жените се безбедни возачи, дека поретко се вклучени во сообраќајни незгоди со фатални последици, дека брзото и агресивно однесување во сообраќајот, слушањето гласна музика и пушењето за време на возење не е својствено за жените, како и дека ретко може да се види жена да ги потценува последиците од управувањето со моторно возило под дејство на алкохол и сл., но и дека жените возачи знаат почесто да зборуваат на мобилен телефон додека возат. И покрај сето ова и сите општествени напори, за жал, сè уште постојат одредени суптилни форми на стереотипи за тоа дека жените се лоши и небезбедни возачи.
Претседателот на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска, Скопје Сити Мол и партнерите подржувачи на кампањата со апел: Почитувани жени-возачи – вашиот личен пример и личниот придонес нека биде првиот чекор кон издигнување на безбедноста на сообраќајот на повисоко ниво. Возете одговорно и безбедно, за вас и за вашите најблиски! Честит 8 Март!
WebOhrid / 08.03.2022 / РСБСП