26/11/2024
Македонија

Зголемување на откупната цена на доцната зелка од 4 на 5 денари по килограм

Националната федерација на фармери преку својот секторски систем за лобирање и управниот одбор на НФФ ја разгледа состојбата со откупот на доцната зелка која е започната во Југоисточниот регион на Република Македонија и бара зголемување на цената на зелката од 4 на 5 ден по кг.

Во микрорегионот на Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран вкупно годинава под доцна зелка се 400-450 хектари површина со просечен принос од 65 тони по хектар. Традиционално овој регион е познат по производство на градинарски култури, посебно зелка, која по својот квалитет веќе е долгогодишен извозен производ на источно европските пазари.

Во моментот откупната цена на зелка е 4 мкд/кг која за жал не ги покрива ниту производните трошоци на земјоделците, односно производната цена на зелката изнесува 5 мкд/кг. НФФ е свесна дека цените за извоз во најголем дел се диктираат од извозните пазари, но во секој случај во процесот на продажба од откупувачот до крајниот корисник, откупувачите мора да го зголемат просторот за повисока маржа, со што би се зголемила цената макар за уште 1 денар која би ги задоволила основните Потреби на земјоделците за покривање на трошоците.

На тој начин ќе се ублажат проблемите, т.е. згубите кои ќе ги претрпат земјоделците од ниската откупна цена, а истовремено ќе се овозможи и понатамошно производство, т.е. нема да дојде до ротација на културите, бидејќи истата би наштетила на постојните долгогодишни партнерства и договори помеѓу откупувачите и увозниците.

НФФ во оваа прилика уште еднаш ги повикува откупувачите да ги разгледаат можностите и да ја зголемат откупната цена како основ за долгогодишна соработка и задржување на овој тип на производство.