Зимски гуми за безбедно возење во зима
Зимското време се приближува, бидете сигурни дека вашето возило нема да ве остави заглавени во снегот и дека безбедно ќе можете да се движете по замрзнати, влажни и снежни коловози.
Од 15 Ноември започнува обврската за задолжително користење на зимска опрема. Под зимска опрема се подразбира зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од четири милиметри (4 mm) или гуми со летен профил на сите тркала, со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm), како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со корисни совети, зошто зимските гуми се адекватни и подобри за возење при зимски услови на патиштата. Иако, на прв поглед менувањето на летните со зимски гуми претставува дополнително малтретирање и дополнителен трошок, сепак придобивките од употребата на зимските гуми се повеќекратни и тоа:
Безбедност. Кога патиштата се замрзнати, покриени со снег или мраз и кога температурите се ниски, зимските гуми се неспоредливо побезбедни од летните гуми. Зимските гуми се направени од специјална смеса и содржат повеќе природна гума и се така дизајнирани што во услови на снег ги прави продорни, во услови на ниски температури се флексибилни и помеки и овозможуваат подобар контакт со подлогата и подобро усогласување со патот и во услови на мраз на патот го „копаат“ мразот и овозможуваат контакт со подлогата и правилно и безбедно запирање на возилото. При зимски услови на патиштата, сопирачкиот пат на возило со зимски гуми е најмалку за 20% пократок во споредба со истото возило со летни гуми, а сопирачкиот пат на возилото и траекторијата на запирање многу често се клучни за тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода и какви ќе бидат последиците од сообраќајната незгода.
Стабилност и моќност. Во зимски услови, при ниски температури, зимските гуми ја зголемуваат влечната сила на возилото дури и кога коловозот е сув, влажен или снежен. Зимските гуми ја зголемуваат мобилноста и контролата на возилото при пониски температури и при снежни и замрзнати коловози. Зимските гуми имаат подлабоки шари кои ја истиснуваат водата и влажниот снег. Ситните пори кои се наоѓаат на нагазната површина на зимските гуми се конструирани на тој начин што ја исфрлаат водата и снегот со што се обезбедува поголема стабилност на возилото.
Економичност. И покрај тоа што купувањето зимски гуми претставува дополнителен трошок за семејниот буџет, важно е да се истакне дека со соодветна замена и соодветна употреба на зимски и летни гуми употребната вредност на гумите се зголемува двојно, што на подолг рок значи и заштеда на средства.
Зимските гуми не се само за снег. Една од најчестите заблуди е дека зимските гуми се наменети само за снег. Летните гуми ги губат своите својства на температури под 7 степени целзиусови. Според тоа, зимската гума не е наменета само за снег, туку и за температури на воздухот под 7-от степен и за било кој тип на пат.
Зимските гуми се оние гуми кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Ознаката “М+S” значи “Кал + Снег” и означува дека овие гуми се тестирани на услови на кал, како и тврд или кашест снег, а ознаката на снегулка на стилизирана планина со три врва означува дека овие гуми се тестирани за користење во тешки зимски услови.
Важно е да се потенцира дека, таканаречените сезонски гуми или гуми за сите четири сезони едноставно немаат врвни перформанси ниту во летни, ниту во зимски услови.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со препорака до возачите:
Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и возете одговорно. Зимата и зимскиот период бара посебна претпазливост на патот. Користењето зимска опрема е еден од условите за безбедно и одговорно да стигнете до саканата дестинација.