Златен медал за Дејан Георгиевски на „Скопје опен Рамус“
Дејан Георгиевски повторно ја израдува македонската спортска јавност откако нашиот сребрен олимпиец се закити со златен медал на елитниот Г 1 турнир што викендов се одржува во Скопје.
Георгиевски за противник во големото финале го имаше Германецот Куцуесунхур, македонскиот репрезентативец доминираше, а при негово водство од 2-0 во втората рунда неговиот противник ја предаде борбата, на огромна радост на Георгиевски и на македонските фанови во салата „Јане Сандански“.
Со оглед на фактот дека овој Г 1 турнир се бодува за олимписка норма, јасно е дека овој триумф на Георгиевски ќе биде од огромна важност во трката да се стигне до виза за учество на следните ОИ.
Во текот на вчерашниот ден, два златни медала за Македонија донесоа и нашите јуниорски репрезентативци Андреј Василевски и Христијан Симоновски.
Со медали се закитија кадетката Мартина Наумовска (-55 кг) која освои сребрен, а јуниорот Антонио Негријовски (-45 кг) бронзен медал.
Во кадетска конкуренција Марко Митевски освои бронзен медал со победа над противник од Грција и пораз во полуфинале од натпреварувач од Израел.
Јана Блажевска во јуниорска конкуренција -59 кг имаше одлична борба против турчинката Елиф Фиринчи.
WebOhrid / 30.03.2025 / МОК