22/11/2024
Охрид

Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Република Северна Македонија и Албанија

Општина Охрид е учесник во проектот на тема: Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Република Северна Македонија и Албанија, во организација на Асоцијацијата Места и градови со исклучителни вредности во Франција, која во 2020 година беше еден од победниците на конкурсот „Готов проект“ на Министерството за надворешни работи на Франција со проектот предложен во партнерство со Република Северна Македонија и Албанија

Во овој проект се вклучени 16 градови од трите држави со поддршка на придружни членки: Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Албанија, Заедницата на единиците на локална самоуправа, Асоцијацијата на архитекти на Македонија како и професионалци и експерти за културно наследство и урбанизам од земјите учеснички, и тоа следните градови:

  • Франција (6): Ремс (Reims), Кале (Calais), Периге (Périgueux), Елбеф (Elbeuf), Ла Реол, (La Réole) и Болие-Ле-Лош (Beaulieu-lès-Loches)
  • Северна Македонија (8): Битола, Охрид, Штип, Велес, Берово, Куманово, Кратово, и Кавадарци
  • Албанија (2): Берат и Елбасан

Овој двогодишен проект има зацртано три цели: знаење, заштита и вреднување на културното наследство, што пак, упатува на трансверзална работа за спојување на алатки за урбанизам на културното наследство со зголемување на свеста на граѓаните и избраните претставници, како и  промоција на локалитетите.

Проектот вклучува соработка меѓу француските, македонските и албанските професионалци, подобрување на размената на искуства меѓу трите земји, иницирање на методи за заедничко работење во однос на културното наследство и јакнење на  професионалните компетенции на партнерите вклучени во проектот (студиски посети и стажирање, работилници, обуки, семинари). За постигнување на очекуваните резултати, француската Асоцијација ќе им даде поддршка на градовите од Северна Македонија и Албанија во креирањето алатки за управување, заштита и вреднување на културното наследство, што пак, ќе овозможи испитување на разни приоди за работа што можат подоцна да се продлабочат (инвентаризација на културното наследство, алатки и активности за медијација, сигналитика на културното наследство). Работните групи редовно ќе одржуваат состаноци што ќе овозможи континуирано следење на активностите со размена на идеи за завршните производи. Преку комуникациски активности ќе се постигне подобро запознавање со проектот и учесниците, зголемување на свеста на населението за културното наследство и поширока промоција.

Проектот е конципиран и прилагоден според потребите во двете земји и подразбира вклучување на општините и разни партнери, јакнење на компетенциите на избраните претставници и на стручните лица, креирање алатки за заштита и вреднување на културното наследство како и подобрување на соработката на регионално, национално и меѓународно ниво.

Значајна цел на овој проект е да придонесе во размената на искуства и експертиза, корисни за сите партнери учесници.  На тој начин, проектот ќе овозможи: отпочнување конкретни активности со воспоставување оперативни алатки што можат да послужат како база за поголеми проекти; зајакнување на компетенциите на професионалните лица во раководењето, заштитата и вреднувањето на културното наследство; споделување на искуствата во меѓународната мрежа со мултидисциплинарни тимови  и олеснување на реализацијата на проектите преку децентрализирана соработка; зајакнување на медијацијата на локалното население за културното наследство и  присуство на меѓународен план; олеснување на меѓународна мобилност на партнерите во проектот, со цел поголема размена на искуства за време на проектот помеѓу македонските, албанските и француските партнери; овозможување широки видици на учесниците во проектот за збогатување на нивната практична работа; искористување на можноста за промоција на меѓународно ниво на проект кој е победник на француското Министерство за надворешни работи.

ЗНАЕЊЕ, ЗАШТИТА И ВРЕДНУВАЊЕ НА СТАРИТЕ УРБАНИ ЈАДРА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА