ЗНМ: Коментарите на премиерот за документарецот на ИРЛ се непримерни
Здружението на новинарите на Македонија реагира на изјавите на премиерот Зоран Заев од последното интервју објавено во неделникот „Фокус“, а во врска со документарниот серијал „Редакција“ и првата епизода насловена како „Заговор против воздухот“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Премиерот Заев како одговор на прашање во ова интервју вели дека „треба да се праша и втората страна.. ред е да го прашате ФЕНИ или некој друг што е споменат од корисниците на мазутот… не ги гледам двете страни во документарецот“. Потоа тој додава дека се сомнева во леснотијата на кажаното без аргументација поврзано со истражувачката сторија на ИРЛ за темата која ја обработуваат новинарите во врска со загадувањето на воздухот во државата.
Ваквиот јавен став и коментар од страна на Претседателот на Владата и Претседател на партијата на власт, поврзан со истражувачката работа на новинарите може да поттикне сомнеж во кредибилноста на работата на нашите колеги, а со тоа и да се влијае на ограничување на слободата на изразувањето. Од премиерот Заев се очекува да ги охрабри истражувачките новинари во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на институциите како механизам за спречување на корупцијата, а потоа да реагираат и органите на прогонот.
Вакви ставови за работата на новинарите од страна на високи владини и партиски претставници може да создадат ,,ефект на ладење”, а со тоа да се одвратат новинарите да работат на теми поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Дали некој новинарски продукт е етичен или не треба да одлучуваат саморегулативните тела. Доколку засегнатите страни на кои се однесува конкретната истражувачка сторија, имаат забелешки околу применетите етички стандарди, потсетуваме дека постојат функционални механизми на медиумска саморегулација каде секој граѓанин може да поднесе претставка.
извор: ЗНМ