Зоран Анчевски, добитник на наградата „Григор Прличев“
Зоран Анчевски, добитник на наградата „Григор Прличев“ под шифрата „Џамбаз“ на наградената поема „Коњски житија“.
Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега ги има објавено стихозбирките Патувања низ скршени слики (1984), Стратегија на поразот (1994), Линија на отпорот (1998), Превод на мртвите (2000) Див мир (2004), Избрани песни (2008, на македонски и на англиски јазик), Историја на ветрот (2009), Небесна пантомима (2018), Збунети компаси (2021), како и обемната критичко-теоретска студија За традицијата (2007). Автор е, приредувач и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. Резултат на неговата преведувачка и уредувачка активност се и трите антологии објавени на англиски јазик: две на современа македонска поезија и една на куса современа македонска проза. Исто така има објавено голем број есеи и статии од доменот на литературата, културата и преводот во разни списанија во земјата и во странство. Учествувал на бојни меѓународни поетски фестивали, конгреси и семинари и раководел со поетски и преведувачки работилници. За своето творештво ја има добиено наградата Студентски збор, за најдобра дебитантска книга (1985), престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди (Реканати, Италија, 2004), како и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две СВП (2018 за Небесна пантомима и 2022 за Збунети компаси). За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата Григор Прличев на Друштвото на литературни преведувачи (2001). Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата, а сега е негов актуелен претседател. Од 2003-2007 година бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, а сега е член на Уметничкиот совет на фестивалот.
Критички искази:
– Примерот на Анчевски, согледан во рамките на развојот на македонската поезија во последните неколку децении, е приказна за обидот да се излезе од традицијата, но и за судбинската условеност да се остане во нејзините граници кои, притоа, постојано се шират.
Влада Урошевиќ
– Врз примерот на Зоран Анчевски нашата поезија покажува дека […] во поетот на нашето доба проговориле повеќе типови говори и дека семиотичкиот полиглотизам се повеќе станува негов raison d’etre.
Венко Андоновски
– Поезијата на Зоран Анчевски настанува во една компликувана, умножена, многугласна и, ако сакате, брутална лирска атмосфера.
Атанас Вангелов
– Зоран Анчевски се препознава како една од најистакнатите крупни фигури во современта македонска литература.
Санде Стојчевски
WebOhrid / 12.01.2023 / Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид