26/11/2024
Струга

Зоран Анчевски ја доби наградата „Браќа Миладиновци“

Зоран Анчевски ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобро поетско остварување меѓу два фестивала за книгата „Небесна пантомима“ во издание на Темплум.

„Движејќи се во димензијата на предметноста на доживеаното, Анчевски секогаш одново, на суптилен поетски начин, ни ги посочува замките на привидот, како да сака да нѐ предупреди на целата сложеност на човековиот микрокосмос. Тој дури ќе даде своевидна лирска дефиниција за „привидот на овој живот“ како „сидро спуштено од една бескрајна небесна пантомима“. Не само во посочената насловна и амблематична песна, туку низ сите песни во книгата е овозможена една моќна и сугестивна енергија на поетски слики, кои ритмички конвергираат околу стожерните мотиви “ – се вели во одлуката на жирито во состав: Данило Коцевски (претседател), Наташа Аврамовска, Наташа Сарџоска и Милош Линдро членови и Иван Шопов секретар.

На конкурсот за „Браќа Миладиновци“ пристигнаа 42 творби, а жирито не го криеше задоволството од големиот број книги, нивната разноликост, јазично-стилските и тематски особености. Во најтесниот круг влегоа: „Под дервишкото сиќе“ на Андреј Ал Асади, Јордан Даниловски „Гласови“, Јовица Ивановски „Остави ме да си доиграм“ и Сузана В. Спасовска „Пеперутка од пепел“.

„Со вирусот СВП се заразив уште во студентски денови, кога со моите колеги доаѓав и спиев на плажите, само и само да ги следам поетските случувања тука. Потоа низ професионалнто работење и мноштвото мои ангажмани тесно поврзани со раководењето и работата на оваа институција, вирусот СВП траеше и трае до денес. Од некогашен хипи поет, сега сум лауреат на оваа најголема македонска награда за поезија“ – рече годинашниот добитник на „Браќа Миладиновци“ поетот и преведувач Зоран Анчевски.

Директорот на СВП Мите Стефоски напомена дека критериумите за доделување на наградата беа прочистени и прецизирани во 2103 година, со цел достојна промоција на лауреатот кој е преведуван и на англиски јазик. СВП се надева дека наградата „Браќа Миладиновци“ ќе прерасне во државна награда.

По „Матинето“ во Калиште, денеска програмата на 57-те СВП продолжува со: средба на професионални посетители и претставување на поетски фестивали во 16.30 часот. Попладневното матине во 18 часот е со шест странски поети, а по синоќешната Поезија на пат во Прилеп, вечерва дел од учесниците ќе читаат поезија пред Центарот за култура во Битола.

Во 20:30 во куќата на Уранија во Охрид ќе се одржи поетски портрет на Ги Гофет и промоција на неговата книга „Малку злато во калта“. Гофет е еден од најзначајните француски поети на денешнината, но и автор на бројни раскази, есеи, драми и две драмски биографии на Верлен. Добитник е на наградата за врвна поезија на Француската акдемија и на Гонкур во 2010 за целокупното негово творештво. За Гофет вечерва во Уранија ќе говори акад. Влада Урошевиќ кој ги препеа и неговите стихови од француски на македонски, а книгата е дел од едицијата „Плејади“ на СВП.

„Поезија на пат“ продолжува во Куќата на Уранија во 21 часот со македонска позија , а во Струга во исто време странските поети ќе читаат на сцената на истекот на Дрим. Програмата ќе биде заокружена на полноќ со „Ноќите без интерпункција“.

Утре, сабота, во 10 часот на летната тераса на Дрим, учесниците и гостите на СВП ќе имаат можност за поетско-кафе со добитникот на „Златниот венец“ полскиот поет Адам Загајевски.