23/11/2024
Охрид

ЗРРСК „Свети Апостол Петар“ Охрид: Бараме одговорност за уништувањето на охридската пастрмка

Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Петар“ – Охрид испрати соопштение до медиумите во кое бара одговорност за уништувањето на охридската пастрмка.

„Бараме да се утврди одговорност кај надлежните установи и министерства и нивните раководни лица за уништување на охридска пастрмка и тие да бидат казнети согласно важечките законски и подзаконски регулативи.

Повеќе од 22 години со стотици дописи и јавни изјави укажуваме дека охридската пастрмка полека се уништува и може да дојде до нејзино истребување. Наместо да ги разберат нашите укажувања надлежните институции со разни притисоци, уцени и заканувања на секој начин се трудеа да не замолчат. Надлежниот министер не бркаше од јавни расправи за концесии на Охридското Езеро.

Барањето на концесионерот за стопански риболов на Охридско Езеро за мораториум на улов на охридска пастрмка од 10 години ја отвори пандорината кутија.

Јавно ги запрашуваме надлежните институции и министерства каде и како се потрошија неколку милиони евра за вештачки мрест и порибување на охридска пастрмка, затоа што нема никаков ефект за заштита на охридската пастрмка.

Со неколку реченици можеби ќе помогнеме да се лоцира одговорност кај надлежните институции и нивните раководители.

Зошто секоја година државата го финансира вештачкиот мрест од 150 до 200 илјади евра од кои концесионерот зема околу 70% а нема обврска да порибува. На концесионерот државата му порибува, а тој само ја лови риба и плус добива субвенции, ваква концесија нема никаде во светот.

Зошто надлежните научни институции изработија риболовни основи, а надлежното министерство ги прифати и додели концесија за стопански риболов иако со години укажуваме дека тоа е катастрофална грешка.

Изјавата на концесионерот можеме да ја разбереме само како повик да му се овозможи поголем улов на охридска белвица и барање на поголеми финасии за вештачки мрест и порибување со охридска пастрмка.

Неможеме да го разбереме концесионерот кој бара да се забрани стопански риболов само на охридска пастрмка, а да им се зголемат количините на улов на сите други видови риби.

Она што и се случи на охридската пастрмка сега и се случува на охридската белвица. Ако на охридската пастрмка и се потребни околу 40 години за реанимација тогаш на охридската белвица и требаат повеќе од 60 години.

Зошто надлежното министерство и научните институции од областа на рибарство дозволија измени и дополнувања на риболовните основи со кои на концесионерот за стопански риболов квотата на улов на охридска белвица од 2 тони му се зголеми на 8 а сега на 25 тони годишно, кога во истата риболовна основа пишува дека прирастот на охридска белвица на годишно ниво е 17 тони.

Зошто истите институции го намалија периодот на забрана за лов охридска пастрмка и белвица за време на мрест и дозволија да се лови охридска белвица во ноември, кога тие во истата риболовна основа тврдат дека најголемиот мрест на белвицата е токму во ноември. Зошто на концесионерот му е дозволено 6 пати да лови охридска белвица во строгата забрана (татиљ) дали на тие мрежи има знак стоп за охридска пастрмка? Никогаш па ни во турско не се ловело за време на мрест.

Зошто најмалата дозволена големина за улов на охридска белвица од 35 сантиметри ја намалија на 22 сантиметри, а бројот на мрежи два пати го зголемија?

Зошто научниците предвидоа 500 тона годишно да се излови охридска плашица, а гледаме ја нема по зимовниците во Пештани, Трпеjца, Радожда, Охридско Пристаниште и воопшто во езерото?

Зошто забраната за лов на крап е фиксна и започнува од кога ќе заврши природниот мрест на крапот?

Зошто се дозволи стопански риболов на кленот цела година дури и за време на неговиот мрест?

Пандорината кутија отвори уште една дилема ако концесионерот уловил само 400 килограми охридска пастрмка за 5 години, неминовно е да се запрашаме од каде е охридската пастрмка која се продава по угостителски објекти и рибарници во Охрид, Струга и низ цела Македонија. На годишно ниво во промет имаме најмалку 4 тони охридска пастрмка. Односно за 4 години најмалку 20 тони.

Укажувавме дека со доделување на концесија за стопански риболов на Охридско Езеро само ќе го легализираме криволовот и шверцот на охридска пастрмка, за што бевме остро нападнати од некои угостители, дека сме против развивање на туризмот, за што ни и забрануваа да влегуваме во нивните угостителски објекти.

Бараваме помош и од челните лица на Локална самоуправа на Општина Охрид за да се заштити охридска пастрмка и белвица кои се и заштитен знак на Охрид и дека уништувањето на охридска пастрмка негативно ќе се одрази на туризмот во Охрид, но не наидовме на разбирање, неможеме да ги разбереме нивните тврдења дека концесионерот го намалил рибокрадството и го заштитил рибниот фонд. Точно е, може е намален бројот на рибокрадци кои со криење фрлаа околу 1 километар мрежи, а сега концесионерот фрла легално околу 50 километри мрежи, каква е таа заштита на рибниот фонд.

Во Историја на риболовот ќе биде запишана бруката на локалната самоуправа која на денот на рибарите на брегот на Охридско Езеро (кога има концесионер за стопански риболов) да донесе одлука да се прави рибна чорба од морска риба. Можеби развиваат нова туристичка понуда „Дојдете во Охрид на рибна чорба од автохтона морска риба“.

Пред некоја година доделивме и плакета за уништување на рибниот фонд на заслужни граѓани се со цел да ја зголемиме јавната свест за зачувување на охридска пастрмка, но и тоа не вроди плод.

Неможеме да ги окривуваме албанските рибари дека тие ја уништиле охридската пастрмка. Во годините кога се изврши преловот на охридска пастрмка на албанската страна воопшто немаше стопански риболов. Укажувањата на надлежните лица дека Република Албанија не е заинтересирана за надминување на проблемот со пастрмката не се точни, на неколку иницијативи за средби на експертско ниво од Република Албанија за усогласување на законската регулатива за лов, вештачки мрест, дозволени големини на улов и др. Република Македонија е таа која не одговорила на тие иницијативи.

Дали конечно ќе имаме сила во Република Македонија да го одврземе гордиевот чвор помеѓу надлежните министерства, научните институции за рибарство, државните инспекторати и концесионерите за стопански риболов, за да го заштитиме рибниот фонд како национално благо кое не ни припаѓа само нам туку им припаѓа на идните генерации.“

Радован Димитриевски
Претседател на Здружение на рекреативни риболовци
„Свети Апостол Петар“ Охрид