23/11/2024
Македонија

Американскиот секретар за одбрана Остин до Шекеринска: Северна Македонија е наш ценет пријател и сојузник

Секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави Лојд Остин испрати писмо до министерката Радмила Шекеринска во кое се заблагодарува на честитката за неговото именување на функцијата секретар за одбрана и ни ја честита претстојната годишнина од членството во НАТО.

“Северна Македонија е ценет пријател и сојузник и очекувам да ја продлабочиме нашата соработка во следните години. Честитки за претстојната годишнина од приемот во НАТО. Соединетите Држави високо го ценат придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и Косово”, вели тој во писмото.

Оддавајќи признание за нашето плодно 28-годишно партнерство со Националната гарда на Вермонт, секретарот за одбрана Остин го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка во одбраната меѓу Северна Македонија и САД. „Овој Меморандум ќе ги прошири областите на нашата билатерална соработка и ќе биде поддршка на Северна Македонија на патот кон исполнувањето на своите цели како што е развивањето на Лесната пешадиска баталјонска група“, се вели во писмото.

Изразувајќи очекување за продлабочување на соработката во 2021 преку активности како што е и американското учество  на вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја, секретарот за одбрана високо ја оценува иницијативата Криволак да го развиваме во полигон за поголеми и посложени вежби од кои ќе имаат бенефит нашите армиски сили, но и сојузниците, САД и НАТО.