Бајрактар и Шкријељ: Овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита за домаќинствата кои останале без приходи
Лицата кои останале без работа или биле дел од неформалната економија добиваат брз влез во системот на социјална заштита. Eдна од клучните мерки во вториот сет мерки за олеснување на последиците од кризата предизвикана од КОВИД-19 е олеснетиот пристап до парична помош на лицата и семејствата на кои таа им е најпотребна. Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ ги објаснија прилагодувањата на системот на социјална и детска заштита укажувајќи дека секој граѓанин треба да знае дека никој не е заборавен.
„За да добијат минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост за лицата ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци. Оваа мерка ќе трае два месеци, април и мај 2020. На ваков начин покажуваме дека системот на социјална заштита е така дизајниран што лесно се прилагодува на потребите на граѓаните, стигнува до оние на кои помошта им е најпотребна а најранливите членови на заедницата ниту во екстремни услови како моменталните, не се занемарени“, рече заменик министерот Бајрактар.
Владата, преку двата пакети на мерки, покажува темелен пристап кон потребите на различни општествени сегменти, затоа што брзината на закрепнувањето по кризата зависи од мерките преземени за време на кризата.
Околу 30.000 постоечки корисници во системот на социјална заштита ќе добијат износ од 1.000 денари плус, во април и мај.
„Предвидовме уште една мерка, постоечките корисници во системот на социјална заштита, ќе добијат дополнителна исплата на енергетски додаток за месеците април и мај. Тоа се околу 30.000 корисници кои ќе добијат износ од 1.000 денари плус, во април и мај“, нагласи заменик министерот за труд и социјална политика Бајрактар.
Со овие мерки се овозможува домаќинствата во ризик полесно да ја пребродат кризата, за да можат, кога работните процеси ќе се нормализираат, нивните членови да се вклучат во активните програми за вработување и на пазарот на труд.
Со мерките се опфатени и децата, како најранливи на стресовите кои едноподруго се случуваат во кризни услови.
„Затоа е многу значајно децата од семејства без или со ниски приходи да добијат дополнителна поддршка. Владата донесе уредба за престанување на важење на условот за потврда за редовност за исплата на додатокот за образование за третиот и четвртиот мерен период за учебната 2019/2020 година, со цел да го олесниме пристапот до овие права. Тоа значи дека исплата на образовен додаток ќе добијат околу 17.000 деца“, рече дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Шкријељ.
Продолжени се и роковите за поднесување на барањата за остварување на право на еднократна парична помош за новороденче, за остварување и продолжување на право на родителски додаток за трето дете, за продолжување на правото на родителски додаток за четврто дете. Барањата за овие права можат да се поднесат за три месеци од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.