Бектеши: Со двојно пониска цена на струјата за прехранбената индустрија, за десетина дена очекуваме намалување на цените на храната
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на брифинг со новинарите информираше дека согласно информациите и очекувањата од компаниите од прехранбената индустрија, во наредниот период се очекува намалување на цените на основните прехранбени производи.
„Очекуваме намалување на цените на основните прехбранбени производи од 5 до 12 проценти во наредните 10 дена. Солгасно Одлуката на Владата со која компаниите од прехранбената индустрија ќе добијат двојно пониска цена на електрична енергија, согласно нивните проекции очекуваме пониски цени за престојните празници на основните прехранбени производи, односно цените да се намалат пред новогодишните и верските празници„ кажа министерот економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите.
Министерот исто така информираше дека до крајот на неделата ќе биде донесена Одлука за проширување на списокот на компании од прехранбената индустрија кои ќе имаат субвенционирана цена на електрична енергија.
„Списокот ќе биде проширен. Ќе ги внесеме и компаниите од секторот одгледување на молзни крави, говеда и одгледување на свињи за да се затвори кругот при производство на месото и млекото. Тоа ќе одигра улога во крајната цена за потрошувачите. Од 1. декември очекуваме и поголеми поевтинувања, ако суровините останат со увозните цени кои се во момнетов“ кажа министерот и потенцираше дека листата на сите компании кои ќе добијат субвенционирана струја ќе се достави до Државниот пазарен инспекторат и ќе се направат соодветните контроли.
„Ги повикувам потрошувачите и граѓаните, доколку утврдат дека нема намалување на овие производи согласно процентите, да пријават во Државниот пазарен инспекторат се со цел да намалат и тие цени и залихи кои се направени од одредени компании“, кажа министерот Бектеши.
Во однос на очекувањата за цените на парното и на струјата после Нова година министерот кажа дека не очекува драстичен раст.
„Граѓаните да бидат спокојни. До крајот на грејната сезона нема да имаат никаков проблем во делот на снабдување со топлинска и со електрична енергија. Нема да има ниту драстично зголемување на цените од 1 јануари и за парното и за струјата зашто ги правиме соодветните анализи и проекции. Веќе Регулатрорната комисија за енергетика е подготвена со сите податоци за утврдување на цената за наредните шест месеци од идната година. Значи, до крајот на декември ќе го завршат овој процес и очекуваме да нема драстично зголемување. Поместувања секогаш се очекува да има, но тие се прават и во надолна и во нагорна линија. Треба да ги имате предвид двете опции, а дали ќе биде надолу или нагоре ќе одлучи РКЕ, а поместувањето може да биде и надолу, истакна Бектеши.