23/11/2024
Македонија

Битиќи: Поедноставните регулативи и постапки кај царинските управи носат успешна економска соработка

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на онлајн настанот „Унапредување на економските и царинските регулативи во време на криза“ организиран од амбасадата на Република Грција во Северна Македонија.

Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на вицепремиерот Битиќи.

„Задоволство ми е што сум дел од овој настан каде што може да зборуваме за забрзување на нашата взаемна економска соработка и отворање на можностите за двете економии и за бизнисите во нив, потенцирајќи ја притоа улогата на царината во економските односи.

Дозволете ми да ви укажам на неколку факти.

Тековната соработка во бројки покажува дека надворешната трговија со Република Грција непрекинато расте и трендовите покажуваат дека на крајот на изминатата година, вкупната размена била 943,265 милиони евра. Овој тренд е задржан и во првиот квартал на оваа година, 2022, а извозот и увозот се удвоени во споредба со истиот период од последната година.

Нивото на странски директно инвестиции што доаѓаат од Грција во 2021 година е 29,31 милиони ЕУР, според податоците на Народната Банка на Република Северна Македонија.

На почетокот на оваа година ја одржавме Трговската мисија што беше организирана од Американските стопански комори од Северна Македонија и Грција што остави одличен позитивен впечаток врз двете страни и добри изгледи за иднина за развој на нашите врски и заедничкото водење бизнис.

Истовремено, процесот на постигнување на взаемно прифатлив договор за избегнување на двојно даночење беше започнат на почетокот на оваа година и се очекува финалната верзија и усвојувањето од двете страни (Грција и Северна Македонија) да се заврши во текот на летово.

Горенаведените факти покажуваат дека постои простор за проширување и забрзување на заедничката економска соработка, што е уште поважно во време на криза.

Нашата Влада е посветена на подобрување на условите за работење и за обезбедување подобра бизнис средина и токму затоа, презема чекори за спроведување на проекти што придонесуваат кон постигнувањето на оваа цел, покрај тешките услови и кризите (здравствена, енергетска, војната во Украина) што ја удираат нашата економија како и најголем дел од економиите низ светот од 2020 година наваму.

Пред само неколку дена во Александропули беше обележан почетокот на изградбата на терминал за течен гас во кој нашата земја треба да има акции и да учествува во изградбата. Тој проект е цврсто поддржан од Европската комисија и се смета за проект од особен интерес за Европската Унија и снабдувањето со природен гас. Обезбедува ефикасна интеграција со другите проекти во инфраструктурата на природниот гас на регионалните пазари. Неговата изградба ќе обезбеди корист за нашите држави во претстојниот период, како и за регионот и за ЕУ во поглед на достапноста на различни енергетски извори. Иднината на проширувањето на мрежите за снабдување со гас во регионот е обезбедена со уште еден проект – изградба на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција. Инвестициите во енергетски извори ќе придонесат кон зголемена конкурентност, диверзификација и стабилност на снабдувањето со гас за државата односно набавка на енергенси за нашите економии и регионот.

Освен тоа, трговијата е поуспешна ако постапките и регулативите се поедноставени. Нашите економии се сведоци на позитивно искуство од воспоставувањето на „зелени коридори“ во текот на пандемијата во 2020 година. „Зелените коридори“ во рамките на земјите од ЦЕФТА обезбедија непречена трговија на Западен Балкан и покрај предизвиците што ги донесе пандемијата. Позитивното искуство сега се преточи во иницијативата „Зелени коридори“ која треба да се прошири меѓу шесторката од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ, со што ќе се обезбеди брз проток на стоки во време на криза. Трговската поврзаност е клучна и олеснувањето на процесите и постапките е основа за нејзино постигнување. Царинската управа на Република Северна Македонија е активен актер и придонесувач кон постигнувањето на повисоките стратешки цели на земјата. Денешниот состанок е пример за овие напори. Ние се надеваме дека добрата соработка меѓу двете управи може да биде продлабочена.

Приоритет на нашата земја во полето на трговијата значи вклученост во меѓународните синџири на вредност и интернационализација на домашните компании, со што ќе се зголеми обемот на трговијата, ќе се зголеми нивото на усогласеност со меѓународните трендови и меѓународните регулативи, вклучително и европските во полето на царината и царинската унија. Всушност, во пристапниот процес кон ЕУ постои цело поглавје што се занимава со Царината и царинските прашања поврзани со единствениот пазар на ЕУ.

Би сакал да ви се заблагодарам за напорите да го организирате овој состанок. Важно е непрекинато да се работи на взаемната корист во постигнувањето на истата цел, подобра бизнис средина и подобри животни услови за нашите граѓани“.