22/11/2024
Македонија

Битиќи: Третиот пакет мерки е за нов развој, поддршка добива секој којшто има потреба, ја стимулираме домашната економија

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Третиот пакет економски мерки кој Владата го усвои, има за цел заживување на домашните економски дејности, да ги трансформира и модернизира за да се создадат услови за динамичен раст и нова развојна македонска економија.

Станува збор за директна финансиска поддршка за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, како и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа.

Преземи презентација | MK AL

Ефектите од овој пакет економски мерки се повеќе димензионални, па така резултатите кои ќе се постигнат со нив ќе значат и системски решенија:

  • Ќе се поттикне приватната потрошувачка
  • Ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании на домашно и регионално ниво
  • Ќе се трансформира и унапреди дел од економијата со воведување на ИТ и друга технологија во нивното работење
  • Ќе се формализира дел од неформалната економија
  • Ќе се зголеми употребата на безготовинските плаќања како инструмент за сузбивање на сива економија
  • Ќе се овозможи модернизација и дигитализација на услугите и процесите

Ефектите од овој нов пакет економски мерки се на сите нивоа, ќе ги осетат сите граѓани и многу ресори во економијата. Ние сме социјална држава и солидарно општество и затоа во мерките може да се пронајде секој – зашто секој треба и секој ќе добие поддршка.

Токму затоа, со првиот столб од третиот сет мерки преку издавање на платежни картички за граѓаните, поттикнуваме поголема потрошувачка и развој на домашните економски дејности, даваме директна финансиска поддршка за граѓаните, која пак ќе ја стимулира домашната економија.

Преку воведување на платежни картички вредни 9.000 денари за околу 100 илјади граѓани ја стимулираме понудата на домашни производи и услуги со директна парична поддршка од државата, преку потрошувачката на граѓаните.

Корисници на платежната картичка може да бидат невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 денари месечни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.

Интервентно го активираме домашниот туризам преку ваучер вреден 6,000 денари за користење во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а граѓаните ќе добијат и платежна картичка од 3,000 денари за купување на домашни производи и услуги.

Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи. Тоа значи дека без разлика на месечните примања на едно домаќинство, членовите од семејството кои имаат лични примања под 15.000 денари месечно можат да бидат корисници на домашниот туристички ваучер и платежната картичка. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.

Определбата на Владата да се грижи за сите и да создаде амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот, ја докажуваме уште еднаш преку три посебни мерки за младите:

– парична поддршка за млади дo 6,000 денари за покривање на партиципација во Универзитет или за сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи.
– платежна домашна картичка од 3,000 денари за домашни производи и услуги за да се обезбеди куповната моќ, како придонес кон студентскиот и средношколскиот стандард.
– ваучери до 30,000 за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини за подржување на младите да бидат конкуренти на пазарот на труд и брзо да се вработат во новата развојна економија.

Вредноста на овие мерки за млади се околу 12 милиони евра и со проектиран опфат од 100.000 млади.

Во име на посветеноста на здравствените работници кои се бореа во првите редови во битката со КОВИД-19 и во знак на благодарност, Владата ќе ги награди докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија, на Универзитетската Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, На Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, како сите членови на тимовите од итна медицинска помош, со 20% повисока плата за два месеци која ќе биде исплатена преку домашна платежна картичка.

Понатака, сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020 ќе добијат паричен надоместок за два месеци, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено но и добиле отказ од работодавачот.

Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани кои преку поевтини цени, ќе поттикнат потрошувачка и раст на приходи во домашните производствени и продажни капацитети, како што се продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. На овој начин граѓаните ќе добијат поголем поврат на ДДВ од сегашниот модел и преку постоечкото софтверското решение „МојДДВ“. Се очекува преку оваа мерка 20 милиони евра, да се слеат назад во стопанството.

Веќе споменав на почетокот на моето обраќање, дека овие мерки покрај тоа што имаат за цел да ја зацелат и заживеат македонската економија после кризата предизвикана од КОВИД – 19, имаат за цел истата да ја трансформираат и модернизираат. Одлучивме дека оваа здравствена и финансиската криза нема да ја гледаме само како проблем и ризик, туку пред се како нова можност за нова развојна македонска економија, за структурни промени и раст.

Вториот столб од овој сет мерки нуди Директна поддршка на македонското стопанство – иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места.

Преку Бескаматните кредитни линии за сите микро и мали компании, во вредност од 31 милион евра, преку Развојната Банка на Северна Македонија, нудиме 30% грант како поддршка за жените, младите, фирми кои воведуваат дигитализацијата во бизнисот или пак се извозно ориентирани.

Со мерката – Државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг државата става на располагање финансиски средства за поддршка на Старт ап и мали и микро компании преку комерцијални банки со 10 милиони евра иницијален капитал за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик.

А, со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Република Северна Македонија.

Понатаму, ќе го поддржиме приватниот сектор со нови 25 милиони евра – за освојување на нови пазари, зголемување на конкурентноста и модернизација на стопанството.

Согласно законот за финансиска поддршка со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата.

На текстилната индустрија ќе и помогнеме да ги пласира производите на нови пазари преку креирање на – Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании.

Ќе инвестираме нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР преку мерката – Поддршка за развој на домашни старт ап продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село на овој начин стимулираме и отворање на нови сопствени бизниси.

Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50% од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари.

Со третиот столб од овој сет мерки, даваме поддршка за земјоделците за нови приходи од плодната македонска земја.

Со првата мерка од овој столб го поддржуваме аграрниот сектор со 5 милиони евра преку Развојната банка.

Ги поддржуваме микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи.

По ланското субвенционирање од 30% за зелена нафта, преку платежната картичка за субвенционирање на зелена нафта за земјоделците, ја зголемуваме субвенцијата на 50%. Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4.6 милиони евра.

Ќе ги стимулираме преработувачите на грозје за производство на нови продукти.

Преку оваа мерка ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра.

Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор.

Преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извозуваат.

Понатаму, планирано е окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство.

Оваа мерка овозможува ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Од оваа мерка очекуваме приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголемена конкурентност на македонското земјоделство.

Овозможуваме долгорочен закуп на пасиштата со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот.

Преку програмата за финансирање на микро земјоделски компании со 3 милиони евра ќе овозможиме финансирање на Старт ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи.

Преку кредит на Светска банка од 50 милиони евра ќе овозможиме Модернизација на земјоделство со цел зголемување на конкурентноста и профитабилноста.

Вредноста на овој трет сет економски мерки изнесува 355 милиони евра и со него ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Вкупниот влог во новата развојна македонска економија, трите пакети мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5 до 5.5% од БДП.

На крај би сакал да потенцирам дека третиот пакет економски мерки е усогласен со стопанските комори, синдикатите, граѓанските организации, како и поединци експерти на целосно транспарентен и инклузивен процес и верувам дека заедно со ефектите од економските мерки од првите два пакета, создаваат услови за динамичен раст и нова развојна македонска економија.


Преземи презентација | MK AL