23/11/2024
Македонија

Бочварски: Преку многубројни инвестиции го подобруваме квалитетот на живот на граѓаните на Крушево и околните населени места

„Со 70 милиони евра директна помош за општините го реализираме најзначајниот проект за реконструкција на локалните патишта и улици во сите општини во државата. 
Преку разни буџетски програми правиме големи инвестиции во патната и комуналната инфраструктура и во општина Крушево“ – изјави министерот Бочварски при денешната посета на Крушево. 

Тој заедно со државниот секретар, Митко Трајчулески, градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски и директорот на Јавното претпријатие Македонија Пат, Беким Мемеди, извршија увид во реконструкција на улицата Питу Гули  и на проектот Транзит Крушево, чија реконструкција е завршена и е ставен на располагање на граѓаните. 

„Со средства од Светска Банка во висина од 5,5 милиони денари започнавме со рехабилитација на улицата Питу Гули. Изведувачот е воведен во работа пред една седмица, а рокот за изведба е 6 месеци. Очекуваме работните активности да бидат завршени до почетокот на 2022 година и улицата да биде пуштена во употреба.
Дополнително, во однос на комуналната инфраструктура, почнуваме со изградба на кракот 1 и крак 2, со кои доведуваме дополнително водоснабдување на индустриската зона „Опаленик“, која е од големо економско значење за општината. Вредноста е скоро 7 милиони денари, а средствата се обезбедени преку Буџетот на Република Северна Македонија. Очекуваме до јануари 2022 година работите да бидат завршени”- изјави министерот Бочварски.

Министерот извести и за проектите кои преку Европска инвестициска банка и буџетот на Министерството за транспорт и врски се реализираа во изминатиот период во општина Крушево, кои се од клучно значење за граѓаните на целиот регион.

„Преку ЈП за Државни патишта го реконструиравме регионалниот пат од Крушево до н.м. Сува Река, пат кој повеќе од 4 децении не беше рехабилитиран. Се изгради водоводна линија за водоснабдување на н.м. Саждево, изградивме систем за фекална канализација во н.м. Норово и резервоар за питка вода во н.м. Борино.
Би ја искористил оваа прилика да ја поздравам успешната соработка со градоначалникот Томе Христоски. Со желба и посветена работа заедно можеме да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните“ – истакна министерот Бочварски.

Директорот на ЈП Македонија Пат, Беким Мемеди, изјави дека во соработка со Министерството за транспорт и врски ја завршиле реконструкцијата на Транзит Крушево, патен правец од клучно значење за Крушево, кој ја поврзува општината со останатите населени места и Пелагонискиот регион.
Тој истакна дека наскоро почнува и санација на свлечиштето на патниот правец Крушево – Сладуево.

Градоначалникот Христоски ја потенцираше поддршката што Крушево како локална самоуправа ја добива од централната власт и рече дека општината е лидер во аплицирање кон домашни и странски фондови и имплементација на проекти.
„Денес Крушево е поинакво и поубаво место токму поради реализацијата на многубројните проекти. Нашите напори во подготовка на аплцикации, издавање на одобренија на градба и подготовка на квалитетни проекти се клучот на сето тоа што го гледаме денес. Продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните“ – заклучи за крај градоначалникот Христоски.

https://www.youtube.com/watch?v=6u_YGtpTihg&feature=emb_title