21/11/2024
Македонија

Бруто-домашниот производ во 2019 година е повисок за 3,6%, економските политики на Владата дадоа дополнителен импулс и ја надминаа проекцијата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, на прес-конференција ги претставија податоците на Државниот завод за статистика за растечкиот тренд на бруто-домашниот производ (БДП), кој во последниот квартал на 2019 година во однос на истиот квартал во 2018 година е повисок за 3,4%, а вкупниот раст за 2019 година изнесува 3,6% што ја надминува проектираната стапка од 3,5%.

„Бевме внимателни и со иницијалниот буџет за минатата година одевме со проекција од 3,2% раст, но економските политики на Владата очигледно дадоа дополнителен импулс за економските параметри. Тој импулс во текот на годината влијаеше на економските резултати и тие ја надминаа проекцијата. Затоа на средина на годината ја коригиравме од 3,2% на 3,5%“, посочи премиерот Спасовски.

Тој подвлече дека реализацијата ја надмина не само корегираната владината проекција, туку и проекциите на Меѓународниот монетарен фонд и на Светска банка.

„Додека тие ја намалуваа проекцијата за раст на глобалната економија, ја зголемуваа проекцијата за раст на македонската економија. Уште еден податок кој е многу илустративен за растот на БДП на нашата земја говори и фактот дека Северна Македонија е на осмо место по раст на табелата од 38 земји од Европската Унија и регионот, и тоа пред Бугарија, Кипар, Хрватска, Чешка, Словенија и други земји членки на унијата. Тоа ни дава за право да кажеме дека економските и финансиски политики на Владата на Северна Македонија даваат резултати и го одржуваат трендот на стабилен раст на нашата економија“, нагласи претседателот на Владата Спасовски.

Исто така премиерот Спасовски посочи дека Владата предводена од СДСМ и коалицијата го презеде управувањето со државата во 2017 година во состојба на рецесија.

„Рековме дека 2019 година ќе биде година на економијата. Бројките што ги презентираме денеска, кои доаѓаат од Државниот завод за статистика потврдуваат дека бевме во право. Реализиравме исклучително позитивна година на полето на економијата во нашата држава“, истакна премиерот Спасовски.

Тој истакна дека непосредната придобивка од растот на економијата оди во прилог на граѓаните со просечниот раст на вработеноста, односно со отворање на нови работни места.

„Невработеноста е намалена на историски најниско ниво од 16,6%, додека вработеноста е на највисоко ниво досега од 47,9%. Споредено меѓу четвртиот квартал во 2019 во однос на четвртиот квартал од 2016 година има 76.255 повеќе вработени“, нагласи претседателот на Владата Спасовски.

Воедно премиерот Спасовски истакна дека Владата останува посветена да гради конкурентна и развојна економија, како и да вложува во човечкиот капитал.

Министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека оваа Влада успеа да ја стабилизира ставката на јавниот долг, при што долгот е помал од креираната нова вредност, односно под економскиот раст.

Воедно министерката Ангеловска наведе дека позитивно е дека растот на бруто-домашниот производ се реализира преку широк спектар на активности.

„Ова покажува дека економските фундаменти се здраво поставени за да продуцираат раст во сите сектори, односно сите сегменти од економијата. Се забележува раст во градежништвото за 5,9%, во трговијата, транспортот и угостителството за 4,7%, кај земјоделството за 3,8% и во индустријата за 3,1%“, нагласи министерката Ангеловска.

Таа истакна дека стапката на вработеност е највисока досега, додека стапката на невработеност е најниска од кога се спроведува Анкетата на работна сила.

„Само во текот на минатата година, бројот на вработените е поголем за 38.600 лица. Притоа активното население расте за околу 6.400 лица минатата година. Она што е особено позитивно е што кај најмладата возрасна група од 15-24 години, каде има и најголема стапка на невработеност, невработеноста значително е намалена на годишно ниво за 13,8 процентни поени и сега изнесува 35%. Охрабрувачки е тоа што политиките кои ги спроведуваме даваат резултати и стапката се намалува“, подвлече министерката Ангеловска.

Министерката Ангеловска нагласи дека намалувањето на стапката на невработеноста, особено кај младата популација, е резултат на инвестициите во човечкиот капитал, во образованието на долг рок, а преку активните мерки за вработување на среден рок.

Таа посочи дека буџетот е стабилен и ликвиден, при што додаде дека добриот тренд на реализација продолжува и годинава, со раст во првите два месеци од 8,3% кај даноците и придонесите.

„Потврда за добрата економска состојба добивме и од кредитната агенција „Стандард енд пурс“. Би сакала да ви соопштам дека доцна вчеравечер кредитната агенција го потврди рејтингот на земјава ББ- со стабилен изглед“, посочи министерката Ангеловска.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека мерките за поддршка на бизнисот ги даваат очекуваните резултати и за само две и пол години економијата е на вистинскиот пат, кој носи раст и развој.

„Четвртиот квартал, но и цела 2019 година е период на комплетна реализација на мерките и активностите од програмите за поттикнување на конкурентноста на бизнисот, но и целосна реализација на мерките од Планот за економскиот раст и реалните политики преточени во мерки за поддршка на бизнисот. Како резултат на мерките сега може да се пофалиме со бројки како што се раст на преработувачката индустрија од 3,1% за една година, раст во трговијата од 4,7%, раст во земјоделството од 3,8% и раст во градежништвото од 5,9%“, нагласи министерот Бектеши.

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски истакна дека земјоделството во вкупниот бруто-домашен производ во 2019 година бележи растечко ниво и изнесува 3,8 отсто.

„Во 2019 година извозот на земјоделско-прехранбени производи во споредба со 2018 година бележи пораст од 14,5%. Ова е највисоката вредност на извозот на земјоделско-прехранбени производи досега. Дефицитот во трговската размена со земјоделско-прехранбени производи бележи намалување во споредба со 2018 година за 13,8 отсто или во апсолутна бројка од 246,6 милиони евра во 2018-та, на 212,6 милиони евра лани. Ова значи дека во 2019-та година увозот на земјоделски производи е помал за 34 милиони евра“, истакна министерот Димковски.

Тој посочи дека тутунот и натаму е стратешка извозната гранка, и ваквиот пораст на вредноста на извозот на земјоделско-прехранбени производи се должи пред се на зголемениот извоз на тутун, за 9,3%.

Воедно министерот Димковски информираше дека расте и извозот на пиперки, кој во 2019 споредено со 2018-та година е зголемен за 22,2% а раст бележи и извозот на конзервиран зеленчук, кој од 41,4 милиони евра во 2018, лани е зголемен на 44,5 милиони евра. Пораст на извозот има кај јаболката и другите градинарски производи.