Владата во дијалог со бизнис секторот креира политики за зголемување на вработеноста
Денеска во Струмица пред повеќе од 100 стопанственици се одржа втората информативна бизнис средба „Шанса за сите“. На регионалниот состанок, освен владини прeтставници и меѓународни организации присуствуваа лица од стопанските комори, бизнис асоцијациите и други регионални бизнис организации.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска Владата на продолжува праксата на отворен дијалог со бизнис заедницата со цел креирање на продуктивни и соодветни мерки и програми за поддршка на бизнис заедницата со кои ќе се избалансира понудата и побарувачката на пазарот на трудот и на брз и ефикасен начин би се исполниле очекувањата на работодавачите и невработените.
„Во 2019 година да дадеме шанса за сите оние кои имаат образование, а се без работа, да ги прилагодиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот. Затоа со сите чинители активно работиме и веќе сме во финална фаза на изработка новите мерки од Оперативниот план во кој акцентот ќе се стави на преквалификација, доедукација“, истакна Царовска.
Оперативниот план за вработување за 2018 година бележи одлични резултати, а за 2019 година се планирани 1,1 милијарда денари што е двојно поголем од 2016 година.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска ја акцентираше важноста на соработката со работодавачите при креирањето на политиките за вработување.
„Агенцијата за вработување е сервис кој работи за граѓаните. Преку своите Центри за вработување секојдневно комуницираме со невработените лица и работодавачи. Денеска сме тука со работодавачите бидејќи тие се наш клучен партнер во креирање на политиките за вработување, тука сме да ги слушнеме нивните потреби,барања и предизвици со кои се соочуваат на пазарот на трудот, со цел да излеземе во пресрет на истите“, изјави директорката на АВРМ, Билјана Јовановска.
Општините веќе прават анализи за образованието на невработените, а локалните компании номинираат работни места.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски истакна дека Струмица има идеална меѓугранична местоположба и затоа поддршката на бизнисмените е неопходна и повеќе од потребна.
Струмица е првата општина во Македонија која има Стратегија за локален економски развој за периодот 2016 – 2020 година која опфаќа битни области како што се економија и инвестиции, земјоделство и рурален развој, животна средина и енергетска ефикасност, инфраструктура и урбанистичко планирање и развој на работна сила“, истакна Јаневски.
Нарине Сахакјан, постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), потенцираше дека УНДП, преку своите проекти со националните партнери, се фокусира како најбрзо и најефикасно да се пополни недостатокот од квалификувана работна сила преку специјално изработени мерки дизајнирани според барањата и очекувањата на работодавачите. Сахајан, исто така, потенцираше дека без активно учество на бизнис секторот не може да се очекува подобрување на општата економска клима во државата.
Претставниците на стопанските комори и бизнисмените го поздравија предлогот на Владата. Според нив невработеноста и недостатокот на кадар, мора да се решава со комбинирани мерки, за што бараат мерките да се планираат на долг рок.