26/11/2024
Македонија

Владата ги донесе клучните документи за унапредување на процесот за подготовка, спроведување и следење на имплементацијата на секторските стратегии

На предлог на Генералниот секретаријат, Владата на својата 48 седница ги донесе Методологијата за начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување  на секторските стратегии и Упатството за структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските и мултисекторските стратегии.
 
Овие два стратешки документи се дел од придонесот на Генералниот секретаријат на Владата во реформата на јавната администрација и нејзиното зајакнување како сервис на граѓаните, кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 и коишто подразбираат обезбедување на механизам за усогласување на долгорочното со среднорочното планирање и годишното планирање од Стратегијата.
 
Со донесувањето на Методологијата се овозможува логично разработување на  поврзаните процеси и постапки во развивањето на секторскиte стратегии и обезбедување на неопходната компактна структура и содржина на планските документи, со квалитетно развиени клучни елементи, кои ги содржат потребните особености.       
 
Упатство, пак, овозможува логично разработување на поврзаните процеси и постапки во развивањето на секторските стратегии и соодветни чекори за подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските и мултисекторските стратегии  од страна на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации.
 
Со утврдување на нормативната рамка во доменот на секторско планирање, Генералниот секретаријат создава основа за градење на сопствени капацитети во државната администрација за подготовка на секторски стратегии како исклучително важна активност, затоа што во досегашната пракса секторските стратегии во најголем дел се изработуваа преку донаторска помош и консултантски услуги.
 
Донесувањето на овие два стратешки документи е крупен исчекор и во насока на подготовка на стратегии кои се меѓусебно комплементарни и кохерентни во насока на реализација на долгорочните владини политики и стратешки приоритети.
 
Методологија и Упатство на Генералниот секретаријат на Владата се дел од нејзината целосна посветеност за постојано унапредување и реформа на јавниот сектор и континуирано зајакнување и модернизација на административниот капацитет, што воедно преставува еден од клучните приоритети во процесот на европска интеграција на нашата земја.
 
Дополнително, Владата на истата седница ја донесе и Одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата во 2023 година, со чие донесување се овозможува започнување на процесот на стратешко планирање и буџетскиот процес за 2023 година, подготвување на Годишната програма за работа на Владата за 2023 година и на стратешките планови на министерствата и другите органи на државната управа за периодот 2023-2025.