Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 98 седница
На денешната, 98 седница на Владата на Република Македонија, меѓу останатото, на предлог на Министерството за надворешни работи, министрите ќе ја разгледаат информација за Акцискиот план за Регионална економска област и за формирање на Координативно тело за градење и спроведување на Регионалната економска област во Западен Балкан, со Предлог-одлука и Предлог-решение за планот.
Министерството за економија пред министрите ќе го презентира извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот за економска соработка помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, а Министерството за здравство ќе информира за извршените преговори за склучување на План за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија.
Како предлог на Министерството за труд и социјална политика, на денешната седница ќе се разгледа и информацијата за можноста за вршење на периодични здравствени прегледи од страна на здравствени работници ангажирани од Министерство за здравство на корисниците во Дневните центри за деца и лица со пречки во развојот.
На денешната седница на Владата на РМ, по предлог на Министерството за образование и наука, ќе се разгледа новиот Предлог-закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард, а Министерството за култура ќе ја презентира информацијата за потребата од основање на нова национална установа „Гостиварски театар“ – Гостивар.
На денешната седница, како материјал за информирање, ќе биде разгледан и полугодишниот извештај за работа на Агенцијата за филм на Република Македонија.
На оваа 98 седница на Владата на РМ, на дневниот ред се најавени и повеќе други точки од Програмата за работа на владата, и од интерес на граѓаните.