Дебата „Професионална поставеност на новинарската професија – предизвици и компаративни искуства“
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваше на дебата на тема „Професионална поставеност на новинарската професија – предизвици и компаративни искуства“што се одржа денеска во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„Владата има обврска да ја почитува слободата на говорот и изразување. Еден од фундаментите, столбовите на оваа Влада е токму тоа, целосна недвосмислена поддршка на слободата на говорот и на слободата на изразување. Тоа значи целосна поддршка на слободата на новинарската професија и почит на професионалните стандарди. Токму затоа постојано велиме дека саморегулацијата ја има нашата целосна поддршка и секогаш ќе стоиме зад она што еснафот, професијата, смета дека е најдобро како решение за било кое од овие прашања. Меѓутоа, исто така Владата има обврска да ги штити правата и интересите на граѓаните“, истакна Поповски.
Понатаму во своето обраќање министерот Поповски се осврна на важноста на изнаоѓање заедничко решение за борбата со лажните вести, нарекувајќи ги новото оружје за масовно уништување. Зборувајќи за концептот Отворена Влада, транспарентноста на институциите, медиумската писменост и Предлог планот за одлучна акција против ширење дезинформации и напади врз демократијата, Поповски најави серија на средби и јавни дебати за креирање на проактивни мерки за борба со ова современо зло.
„Граѓаните, сите ние во оваа земја се наоѓаме под една изразена агресија на неточни, лажни вести, дезинформации, полуинформации, шпекулации коишто се креираат, се создаваат од овде од дома, но доаѓаат и од надвор. Јас отворено кажувам и дури некогаш оваа состојба ја дефинирам како специјална војна која што и се случува на државата. Не сме единствени, многу земји и во Европа и секаде го доживуваат ова, но ние имаме обврска да си ги гледаме нашите состојби и да се обидеме да најдеме одговор, решение на појавата што ја загрозува секоја индивидуа во општеството“, рече Поповски.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во своето обраќање ја потенцираше поддршката на Владата на РСМ за изработка на регистарот на медиуми од страна на Советот за етика на медиумите (СЕММ) во соработка со Здружението на новинари (ЗНМ) и останатите медиумски организации.
„Владата кажува дека ќе ги почитува стандардите на новинарската професија. Стандардите на новинарската професија ги дефинирате вие, а не Владата. Како што ќе ги дефинирате, така ќе ги почитуваме“, нагласи.
На оваа јавна дискусија свои обраќања имаа и Ѕвездан Георгиевски, в.д. претседател на ССНМ, Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ и претседателката на СЕММ Катерина Синадиновска.