22/11/2024
Македонија

Демири: Граѓаните да ги почитуваат законските рокови за пријава во евиденција на Агенцијата за вработување

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Абдуш Демири денеска одржа прес-конференција во Владата со цел да апелира до јавноста и граѓаните за важноста на почитувањето на законските рокови за пријава во евиденција на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

АВРСМ согласно уредбата со законска сила донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија со цел спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19, ги одложи роковите за редовно пријавување на невработените лица.

На 15 септември 2020 година повторно беше воспоставено редовното пријавување на секои 30 дена (за активните баратели на работа) односно на секои 6 месеци (за другите лица кои бараат работа или пасивни баратели на работа).

Невработените лица беа известени за терминот кога треба да се пријават во надлежниот Центар за вработување или дисперзирана канцеларија.

Заклучно со денеска околу 54 илјади лица доцнат со пријава во евиденцијата на невработени лица (активни баратели на работа) и други лица кои бараат работа (пасивни баратели на работа) во АВРСМ.

Директорот Демири ги повика лицата кои доцнат со пријава во евиденција на невработени лица да дојдат во Центрите за вработување и дисперзираните канцеларии за да ја регулираат својата обврска во рок од 30 дена, односно најдоцна до 19 март, петок.

„Јавно ги повикуваме сите оние лица кои ги надминале роковите за пријава во евиденцијата на АВРСМ во наредните 30 дена почнувајќи од утре, да дојдат во Центрите за вработување каде се евидентирани за да ја регулираат својата обврска како активни или пасивни баратели на работа.

Апелираме до сите лица кои ќе дојдат да се евидентираат во Центрите за вработување да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД-19 пропишани од Министерството за здравство, да носат заштитна маска и да одржуваат соодветна дистанца од другите лица“, нагласи директорот на АВРСМ Демири.

Невработените лица кои нема да ги исполнат своите обврски во рок од 30 дена согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се бришат од евиденцијата на невработени лица и можат повторно да се пријават по истекот на една година, а корисниците на права по основ на невработеност го губат и правото.

Со воведување во евиденцијата на Агенцијата за вработување невработените лица односно активните баратели на работа имаат пристап до Активните програми и мерки за вработување кои се спроведуваат согласно годишните Оперативни планови за вработување кои се креираат согласно потребите на пазарот на трудот.

Наскоро ќе биде објавен новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година кој ќе има рекордно највисок буџет досега и ќе биде поддршка за креирање и отворање на нови работни места, како и за зголемување на вработливоста на невработените лица.