29/11/2024
Македонија

Дополнителни ограничувања на движењето за граѓаните на целата територија со важност од 8-ми април

Владата на Република Северна Македонија на денешната 36-тата седница донесе повеќе уредби, одлуки и заклучоци во насока на справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.

На предлог на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство и Генералниот кризен штаб, денеска е донесено дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија на Северна Македонија.

Според ова дополнување се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. 

За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник на целата територија на државата.

Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 часот до 12:00 часот. 

За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 часот до 15:00 часот. 

Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.

Новите ограничувања стапуваат на сила во среда, 8-ми април 2020 година во 16:00 часот.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при штoтие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Владата денеска им препорача на oпштинските штабови во рамките на своите кризни активности да организираат достава на неопходните артикли до повозрасните лица и до лицата од ризичните групи.

На својата денешна седница Владата ја усвои и Уредбата со која се уредува ограничување на правото на исплата на паричните паушали на извршните членови на Одборите на директори, паричните надоместоци на претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа и претседателите и членовите на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од Владата и органите на единиците на локалната власт, кои се истовремено вработени за време на траење на вонредната состојба. 

Според Уредбата, на овие лица, заклучно со месец декември 2020 година не им се исплатуваат парични надоместоци, како и надоместоци за патни и други материјални трошоци. 

Оваа уредба не се однесува на лица кои на денот на влегување на сила на оваа уредба со законска сила се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.   

Во рамки на 36-тата седница, денеска, беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба според која на осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплатуван придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес, можат во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот КОВИД-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Оваа Уредба за лекување од КОВИД-19 на товар на Фондот, се однесува и на државјаните на Република Северна Македонија кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ.

Министрите денеска ја усвоија и Одлуката за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19, која предвидува ограничување на извозот на економските оператори и производителите на заштитни маски од Република Северна Македонија во количина која нема да надминува 80 проценти од просечното дневно производство на заштитни маски од хартија, целулозна вата или целулозни влакна и пластични маски со текстилен филтер, со тоа што при секој извоз на заштитни маски кон царинската декларација се приложува изјава од извозникот и производителот дека во секој момент во магацините односно складовите располага со 20 проценти од просечното дневно производство на заштитни маски, која количина е наменета исклучиво за потребите на домашниот пазар.

Економските оператори и производители на заштитни маски при секој извоз на заштитни маски кон царинската декларација се должни да достават изјава од извозникот и производителот дека во секој момент во магацините односно складовите располагаат со 20 проценти од просечното дневно производство на заштитни маски, која количина е наменета исклучиво за потребите на домашниот пазар.