23/11/2024
Македонија

Единствената Национална платформа за учење од далечина ќе ја користат над 250.000 ученици и 25.000 наставници во јавните основни и средни училишта

„Горди сме што за прв пат создадовме единствена Национална платформа за онлајн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова нѐ охрабрува, но и ни дава дополнителен поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава“, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска ја презентираа Националната платформа за онлајн учење.

„Платформата за онлајн учење е инклузивна, едноставна за користење и искрено сум уверен дека ќе ја засакаат и учениците и наставниците. Таа нуди учење на 5 јазици – освен на македонски, прилагодена е и за држење настава на албански, турски, српски и босански јазик. Со ова уште еднаш ги потврдуваме цврстите заложби на оваа Влада за негување на соживотот, мултикултурализмот и еднаквоста во нашето демократско општество“, подвлече премиерот Заев и додаде дека подготвеноста на институциите и образовниот систем за промени е доказ за континуирана и силна посветеност кон долгорочните цели на Владата меѓу кои и квалитетно и иновативно образование по мерка на секого.

Министерката за образование и наука Царовска истакна дека Националната платформа за учење на далечина е резултат на соработката на Министерството за образование и наука и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
 
Платформата е развиена да биде функционална, стабилна и едноставна за употреба и од учениците и од наставниците, како и од сите останати чинители на образовниот процес – МОН, БРО, ДПИ и родителите.

Министерката Царовска рече дека ја разбира загриженоста на родителите затоа што секоја промена е тешка, а прилагодувањето бара огромна жртва од сите нас.

„Јас целосно ги разбирам оние кои се загрижени како ќе ја поминеме учебната година, ги разбирам родителите кои се под голем притисок да се прилагодат истовремено одејќи на работа и грижејќи се за образованието на своите деца. И самата сум родител и тоа го чувствувам. Но ние не ја избравме оваа состојба. Во оваа состојба Националната платформа ќе биде многу повеќе од добра замена за традиционалното учење. Ученикот преку десктоп или лаптоп компјутер, или на мобилен телефон ќе може исто како во училница, да го гледа наставникот како пишува или црта на табла, а истовремено и наставникот може да го гледа ученикот. Оваа настава нема да биде здодевна, ќе има решавање квизови, брзи тестови и други новини кои ќе внесат свежина во образованието, а платформата ќе продолжи да се користи и после пандемијата како поддршка во учењето и креирањето на дигитални содржини“, заклучи министерката Царовска.