Економско-социјалниот совет одржа свечена седница по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот
На свечената седница на Економско – социјалниот совет, а во духот на Меѓународниот ден на трудот, се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров и секретарот на Советот на Сојуз на синдикати на Македонија, Златко Цветковски. Останатите членови на Eкономско-социјалниот совет и други присутни, беа вклучени онлајн преку Зум платформата. По завршување на свечената седница беше одржана и прес-конференција којашто граѓаните и медиумите можеа да ја следат во живо.
„На седница на телото за трипартитен дијалог меѓу работниците, работодавачите и Владата, имав прилика да им одадам признание за трудот и на вредните раце на нашите работници, како и на менаџерските иницијативи на работодавачите и нивните компании, кои заедно со Владата учествуваат суштински во процесот на креирање на солидарно општество во кое ќе има економски напредок видлив и почувствуван од сите.
Таков, суштински и солидарен дијалог, не изостана и во текот на изминатите 12 месеци. Напротив. Можам да кажам дека доби на интензитет и ја покажа сета одговорност и потреба за учество во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.
Освен здравјето на луѓето, потенцираше премиерот Заев, кризата се закани да загрози илјадници работни места. Токму затоа, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше, низ трипартитниот дијалог, на работниците да им обезбедиме поддршка за да се зачуваат стотици илјади работни места, а на работодавачите да им обезбедиме програми за поддршка на работниот процес и за континуитет во нивното работење.
„Успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична, па дури и да забележиме опоравување и напредок во повеќе дејности“, рече премиерот Заев.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека изминатата година беше голем предизвик за сите, пандемијата предизвикана од КОВИД-19 направи сериозни поместувања во светот и сето тоа се одрази на нормалното функционирање на животот, а со тоа и на економијата. Тој додаде дека само сплотени и со заеднички сили можат да се надминат и најголемите предизвици и даде кус осврт на преземените активности за поддршка на работниците и унапредување на работничките права во изминатиот период.
„Кога на граѓаните им е најтешко, државата мора да застане позади нив. Со мерките го направивме токму тоа. Јас ќе се осврнам на само две од нив. Едната е финансиската поддршка за исплата на плати, за која од буџетот се одвоени вкупно 138,1 милиони евра, за плати на нашите граѓани во периодот април-јуни, кога беа поддржани просечно 118.834 плати и во периодот од октомври-декември кога помогнавме просечно да се исплаќаат плати на 68.500 работници. Оваа поддршка е во тек и за месеците февруари-март 2021 година, а аплицирањето сеуште трае. Воедно на компаниите им овозможивме и ликвидни средства за нивно функционирање. Сосема е нормално дека приватниот сектор, компаниите се тие кои ги обезбедуваат платите за нивните вработени и затоа преку Развојната банка, преку три линии бескаматни кредити, обезбедивме поддршка од 44,1 милион евра, за 4.078 компании, ова се средства кои помогнаа да се зачуваат 36.802 работни места. Сите мерки ги правевме заедно со оние кои се засегнати и со аплицирање на соодветни анализи, за да имаат максимален ефект. Успеавме да го ублажиме негативниот ефект и падот на Бруто домашниот производ да го донесеме до 4,5%, а доколку не беа мерките, тој ќе беше значително поголем, околу 8,7% и ќе нанесеше сериозна штета на економијата и на работните места“, посочи вицепремиерот Битиќи и дека во однос на зголемувањето на минималната плата направени се силни исчекори напред.
„За само неколку години, преку заеднички дијалог, разбирање и преку аргументирана дискусија, направивме да минималната плата од 9.000 денари, колку што изнесуваше во 2016 година, денес изнесува 15.200 денари, што е зголемување за 68,8%“, нагласи вицепремиерот Битиќи.
„Во духот на Меѓународниот ден на трудот, сакам да ги поздравам работниците и да им порачам дека и во услови на сериозна здравствена и економска криза, зачувувањето на секое работно место, заштитата и унапредувањето на правата на работниците, како и нивната безбедност и здравје при работа беа и се наши врвни приоритети“, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека заедно со претставниците на работниците и работодавачите, Министерството за труд и социјална политика, интензивно работи и на новиот системски Закон за работни односи, за кој ќе биде отворена широка општествена дебата.
„Новиот Закон за работни односи ќе биде квалитетно и применливо законско решение кое ќе одговори на предизвиците на денешницата и на потребите на работниците и работодавачите. Работиме на модерни и ефикасни решенија за договорите за вработување, работата од дома и од далечина, сезонската работа, прецизирање на договорите на определено време, како и доуредување на прашањето за работното време, како и ноќната работа. Ќе понудиме целосно ново решение за мајчинското и родителското отсуство“, истакна министерката Шахпаска и додаде дека решението ќе биде во интерес на новороденчињата, во интерес на семејството, на родовата еднаквост и целосно во согласност со директивите на ЕУ и меѓународните стандарди на трудот.
„ССМ како репрезентативен синдикат во Република Северна Македонија, упатува сериозен апел за потребата од солидарност и заедништво во справувањето со здравствената криза и последиците од истата на економски и општествен план. Со започнување на кризата, социјалниот дијалог во земјата ги даде резултатите за стабилизација на состојбата и се воспоставија правила и мерки за помош на работниците и граѓаните, но и на компаниите, со цел никој да не остане без работно место и без обезбедена егзистенцијална основа. Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите и за креирање на нови визии и перспективи“, истакна секретарот на Советот на Сојуз на синдикати на Македонија, Златко Цветковски.
Претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров посочи дека согласно Уставот, Законот за работните односи, Општите колективни договори и ратификуваните меѓународни конвенции, Република Северна Македонија обезбедува висока заштита на работничките права.
„ Уставот на Република Северна Македонија во членот 32 ја гарантира слободата на избор на вработување, заштитата при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност, но исто така и правото на платен дневен, неделен и годишен одмор на работникот. Правата на работниците утврдени со Уставот, закон или Колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти или дејствија на работодавачот. Но и покрај високата заштита на работничките права во праксата имаме работодавачи кои не ги почитуваат ниту основните права на дневен, неделен и годишен одмор, плаќање на прекувремена работа и сл.“, потенцираше Димитров.