26/12/2024
Македонија

ЕСМ да обезбеди топлинска енергија во Скопје; Се раскинуваат седум договори за концесии на мали хидроцентрали на Шара

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, со цел обезбедување топлинска енергија во Скопје, донесе одлука со којашто на ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје му се наметнува обврската за обезбедување на оваа јавна услуга. Обврската на ЕСМ ДООЕЛ Скопје се однесува на вршење енергетска дејност: регулирано производство на топлинска енергија за потребите на потрошувачите на дел од подрачјето на градот Скопје и тоа за подрачјата на општините: Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир, како и за обезбедување топлинска енергија за покривање на загубите во системот, системска резерва и системски услуги за одржување на потребните работни параметри во рамките на системот за топлинска енергија за овие делови од Град Скопје.

На денешната седница Владата усвои и измени и дополнувања на Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерки што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности. Во Уредбата, којашто предвидува ограничување на потрошувачката на електрична енергија и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва за активна моќност, со измените и дополнувањата, направени на барање на Министерството за економија, е предвидена можност и за преземање мерки за спречување злоупотреби и манипулации, при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, како и мерки за обезбедување на непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, од страна на универзалниот снабдувач, на потрошувачите кои вршат дејност од јавен интерес, како и на други потрошувачи кои не се снабдуваат од универзалниот снабдувач, заради заштита на животниот стандард.

Освен одлуките поврзани со енергетската состојба, на 86-та Владина седницата се донесени и други одлуки од значење за граѓаните.

Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, ја усвои информацијата во врска со статусот на Договорите за концесија на малите хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување на Национален парк Шар Планина, за коишто се водеше постапка за спогодбено раскинување на договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија. Со ова практично нема да се реализираат договорите за концесија на седум мали хидроелектрични централи во Националниот парк Шар Планина, лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во Националниот парк Шар Планина. Изработен предлогот за спогодбено раскинување на Договорите. Во изработениот предлог за спогодбено раскинување на договорите, според информацијата од  Министерството за животна средина и просторно планирање, предвидено е да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите и уплатените трошоци од страна на концесионерите.

Во пресрет на почетокот на билатераниот скрининг со ЕУ, којшто треба да започне на 7 ноемвври, на барање на Секретаријатот за европски прашања, Владата усвои насоки за координација и подготовка на процесот на скрининг. Со насоките се разработуваат прашања од значење за почетокот, подготовката и учеството во скринингот, како и организација и процедури на работните групи во процесот и оцена на усогласеноста на домашните прописи со законодавството на Европската Унија и нивното спроведување (скрининг). Извештајот од билатералниот скрининг го подготвува Европската комисија, по неговото завршување, а документот во форма на нацрт Извештај, ќе биде споделен со надлежните институции во земјава пред тој да биде доставен на усвојување до Советот на ЕУ.

Владата, на денешната седница, донесе и одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија и вработени во Министерството за одбрана, за учество во НАТО мисијата во Ирак – „NATO Mission Iraq – NMI“, како и одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО мисијата „Зајакнато истурено присуство“ (enhanced Forward Presence – eFP) во Република Летонија.