22/12/2024
Македонија

Заев: Одвоивме 120 милиони денари за реконструкција на Универзална сала – Скопје во постојниот облик, современа и енергетски ефикасна

„Универзална ќе биде реконструирана во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед со цел и понатаму да служи во колективната меморија како симбол на солидарноста“, изјави премиерот Зоран Заев на настанот по повод презентацијата на проектот за реконструкцијата на Универзална сала – Скопје. Премиерот Заев, заедно со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, денеска го најавија почетокот на реконструкција на Универзалната сала, за чија цел се промовира проектот изработен од архитектот Бујар Муча. Градежните работи треба да започнат во мај годинава.

„Универзална сала, во времето кога е изградена, ја пренесе пораката до постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на светска пандемија, кога започнуваме со нејзината обнова Универзална повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи. И уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“, на Град Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација. Град Скопје ја прифати донацијата и откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи се предвидува почеток на реконструкцијата на 1 мај. Со повторното отворање на вратите на Универзална, кои 5 и пол години се затворени, ќе се создадат сите услови да се отворат и портите на Скопје со претензија во 2028 година со гордост да ја понесе титулата европска престолнина на културата“, изјави Заев и додаде дека Владата секогаш ќе биде инспирирана од проекти кои се од непосреден интерес и придобивка за граѓаните.

Градоначалникот Шилегов искажа голема благодарност во Владата која одвои 120 милиони денари средства од Буџетот за реализација на овој проект кој има огромно значење за скопската и македонската култура.

„Универзална сала беше омилена културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, а за мене тоа е доволна причина и мотив повторно да ги отвориме нејзините врати за посетителите“, рече Шилегов.

Согласно проектантските насоки, Универзална сала ќе ја задржи постоечката форма со внатрешна реорганизација на просторот со нови современи материјали за фасада, а самиот објект ќе биде енергетски ефикасен.

Владата продолжува со поддршка на капиталните проекти на општините. Во текот на минатата 2020 година, преку ребаланс на Буџетот поддржани се вкупно 19 капитални инвестициски проекти во општини ширум земјава во вредност од 244 милиони денари или 4 милиони евра. За следната година во Министерството за култура се алоцирани 217.000.000 денари за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, за втората фаза на театарот и библиотека во Тетово, како и за завршните работи на театарот во Струмица.