23/11/2024
Македонија

Заев: Успесите на компаниите се сатисфакција за владините мерки, економскиот развој на Ресен го заживува преспанскиот регион, кој е голем туристички потенцијал

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски вчера ја посетија фабриката „Свислион“ во Ресен.

Во продолжение, интегралниот текст на изјавата на премиерот Заев дадена по обиколката на фабриката, каде беше пречекан од генералниот директор Александар Јањиќ:

„За мене е особено драго кога сум во посета на успешни економски приказни, како што е фабриката „Свислион“, тука во Ресен.

Имав можност да видам како тука се работи и да слушнам кои се ефектите, кои оваа фабрика ги има врз економскиот развој на Ресен, но и пошироко на Преспа.

Оваа фабрика денес има 292 вработени, тука во Ресен, а на ниво на цела држава вкупно 600 работници.  Мене ме радува, што тука нема да се застане и оваа фабрика само ќе расте во иднина.

Покрај тоа што со раководството ја делиме желбата за зголемување на бројот на работни места и со тоа поддршка на граѓаните од овој регион, ја делиме и желбата да го заживееме повторно овој преспански регион и да го вратиме стариот сјај.

Ние, тоа како Влада го правиме со повеќе различни проекти, а од разговорите со директорот Јањиќ, се уверив дека и тие како општествено одговорна компанија имаат план да помогнат и придонесат кон зајакнување на туристичката понуда на Преспа.

Ова е секако во согласност со Владиниот акциски план за ревитализација на Преспанското Езеро, кој во третата фаза предвидува адаптирање на скапоцените туристички потенцијали и нивна соодветна презентација како туристичка понуда.

Брендирањето на производите кои Ресен и Преспа ги нудат, афирмацијата на нашиот но и на странските пазари, придонесува понатаму и кон развој на овој регион, нивна препознатливост во светот.

Менаџментот на „Свислион“ ме информираше дека во наредниот период се предвидуваат и поинтензивни инвестиции во земјоделската дејност на компанијата, во висина од околу 2.700.000 евра. 

Фокусот на овие инвестиции е на реконструкција и опремување на ладилник, за набавка на комплетна линија за класирање и пакување на свежо овошје, за системи против замрзнување, градобијни мрежи и опрема за сушено овошје. Со тоа ќе се постигне уште поголема ефикасност на капацитетите на фабриката, а овоштарите ќе добијат уште подоверлив и сигурен партнер во оваа компанија.

Уште еднаш, на „Свислион“ им честитам на успесите и им посакувам натамошен развој, кој секако ќе влијае позитивно и на развојот на Преспанскиот регион“.