26/11/2024
Македонија

Заокружен проектот за снимање со мобилните камери наменети за сообраќајната и граничната полиција

Денеска во кругот на Мобилната единица за Безбедност на патниот сообраќај во Петровец, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со Н.Е. Ерик Мејер, вршител на работите во Амбасадата на САД присуствуваа на заокружувањето на проектот за снимање со мобилните камери наменети за единиците за сообраќај и Одделот за гранични работи.

„Имам можност да ве информирам за заокружувањето на проектот ,,Мобилен систем за снимање со камери,, поставени на полициските службеници што вршат контрола и регулирање на сообраќајот, што претставува уште една важна и вредна донација од еден милион и шеест и една илјада американски долари, проект на ИЦИТАП програмата на Одделот за правда на Владата на нашите пријатели Соединетите Американски Држави, наменета за Единиците за сообраќај и Одделот за гранични работи .“, рече министерот Спасовски на денешниов настан.
Спасовски образложи дека примената на овој систем започна 2016 година во Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата овде во Петровец, каде првично беа набавени 17 камери од страна на ИЦИТАП по што продолживме во континуитет со опремување на единиците за сообраќај во останатите СВР ширум земјава.

„Мобилниот систем за снимање значи целосно опремување со вкупно 593 камери на сите Сектори за внатрешни работи, односно на единиците за безбедност на сообраќајот и Одделот за гранични работи , фундиран врз исто така веќе воспоставената информационо-софтверска инфраструктура за нивно непречено и квалитетно работење преку бројни обуки и стручни едукации на полициските службеници.“, потенцираше министерот Спасовски.

Тој исто така подвлече дека станува збор за проект што има суштинско место во стратешкиот план на Бирото за јавна безбедност при МВР – во делот на сообраќајот, односно сообраќајните работи, чијашто имплементација е поткрепена и нормативно преку Законот за полиција и оперативно – преку веќе постоечките Стандардни оперативни процедури за работење што со себе носи бенефит што многу значати за нас како полиција и за граѓаните како учесници во сообраќајот и дека впрочем со мобилниот систем за снимање не само што ќе се добие на квалитет во документацијата на прекршоците, туку истовремено ќе се подигне квалитетот квалитетот на полициското постапување, неговата професионалност и транспарентност.

На крај министерот Спасовски уште еднаш изрази голема благодарност до нашите докажани пријатели Владата на Соединетите Американски Држави и амбасадата на САД во Република Северна Македонија за нивното конзистентно и цврсто партнерство во реформирањето и развојот на македонската полиција како еден од клучните сегменти во унапредувањето на националната, но и регионалната и глобална безбедност.“

Вршителот на работите во Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, Н.Е. Ерик Мејер потенцираше дека мобилните камери претставуваат еден од најзначајните новитети во полициската работа во последниот век и успешното користење на мобилните камери бара искрена посветеност од сите чинители.

„Ставањето во употреба на мобилните камери имаше позитивен ефект на односот меѓу сообраќајната полиција и граѓаните кои беа запирани за сообраќајни прекршоци. Бројот на поднесени жалби против полициски службеници беше значително намален и спроведената електронска анкета од 2021 година покажа повисоко ниво на сатисфакција и кај двете страни – и кај полициските службеници и кај граѓаните. Оваа година, преку ИЦИТАП ја проширивме нашата поддршка за Секторите за внатрешни работи во Тетово, Охрид, Куманово, Скопје, Велес, Битола, Штип и Струмица како и за Одделот за гранични работи и миграции со донирање на 593 камери. Впрочем, мобилните камери се веќе ставени во функција тука во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид, на пет гранични премини како и во Мобилната единица за компензаторски мерки, а до крајот на овој месец ќе започне употребата и во Велес, Битола, Штип и Струмица.“, потенцираше Мејер.

Мејер на крај потенцираше дека Амбасадата на САД останува силен партнер на Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе остане посветена во поддршка и професионализација на полицијата, како и нејзината отчетност пред своите граѓани и изрази силно уверување дека оваа алатка уште повеќе ќе ја зголеми довербата меѓу граѓаните и органите за спроведување на законот.