22/11/2024
Македонија

Ковачевски: Кризата ја претворивме во можност, цената на струјата не се зголеми, инсталирани се нови капацитети од обновливи извори колку за 10 градови

„Успешно се справивме со енергетската криза, нема зголемување на цената на електричната енергија, има зголемено производство на електрична енергија, енергетската криза ја претворивме од криза во можност“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во Собранието на Република Северна Македонија, каде е во тек седница за пратенички прашања.

„Изминатата година се покажа колку е важно да се има знаење и посветеност во делот на енергетскиот сектор. Пред само 12 месеци, глобалната светска економија беше практично пред колапс заради војната во Украина и заради изостатокот на енергенси на европскиот континент. Кај нас струјата, парното, храната не беа недостаток и немаше никакви рестрикции, тоа е прв заклучок по завршувањето на енергетската криза. Второ ги заштитивме и компаниите и граѓаните. Трето, го донесовме најголемиот пакет на антикризни мерки за граѓаните за најранливите категории на граѓани и за одржување на ликвидноста на компаниите во износ од 760 милиони евра – според податоците на Светската банка, најголем од сите земји во регионот. И планот даде резултат“, порача премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, нагласи дека Владата ги заштити од поскапувања граѓаните, институциите во образованието и здравството, компаниите – што е спротивно на сите шпекулации и обиди за загрижување на граѓаните дека ќе има рестрикции и поскапи струја и парно.

„Цената на електричната енергија не се зголеми. За првата и втората група корисници остана иста, за оние кои домаќински трошат електрична енергија. Се зголеми за оние кои имаат базени по дома коишто ги греат во зима. За компаниите на регулираниот пазар, 72.000 компании – цената на електрична енергија се намали за 20 проценти. Обезбедивме електрична енергија за сите здравствени домови. Знаете ли колку време не беа платени сметките за струја по тие здравствени домови?! Сè беше покриено што не беше платено. Обезбедивме електрична енергија за сите образовни институции. Владата го презеде управувањето со парното – дали се зголеми цената на парното, не се зголеми, имаше рестрикции на парно, немаше рестрикции на парно“, посочи премиерот Ковачевски.  

 
Во споредба со претходната година, како што рече премиерот Ковачевски, имаме зголемено производство на електрична енергија од 44 проценти и дека „како резултат на тоа, успеавме да обезбедиме евтина струја за производителите на основни прехранбени производи и да обезбедиме снабдување на комуналните претпријатија со евтина електрична енергија, за да нема недостаток на вода“,

„Ќе ви дадам само една споредба, во целиот ваш мандат беа инсталирани 18 мегавати обновливи извори на енергија. Во времето на оваа Влада за една година се инсталирани и пуштени во мрежа 210 мегавати обновливи извори на електрична енергија, капацитет поголем од капацитетот на еден блок на РЕК Битола, доволен да снабди потрошувачка на 10 града во Македонија, со просечна потрошувачка на електрична енергија со 76.000 домаќинства“, нагласи премиерот Ковачевски, оценувајќи дека денес зборуваме за конкретни резултати во областа на енергетиката.

Премиерот Ковачевски рече дека во општините, управувани во 90 проценти од опозицијата, има покачувања на цените на комуналните услуги, иако и тие добија евтина струја, односно електрична енергија од 100 евра по мегават час, во услови кога цената на електричната енергија беше 500 евра за мегават час. Премиерот  оцени дека поплаките за недостиг на средства се поради нерационални трошоци, односно користења и на две третини буџетски пари за привремени вработувања.