23/11/2024
Македонија

Ковачевски на Вториот национален саем за храна и пијалаци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше и се обрати на Вториот национален саем за храна и пијалаци – „Вкуси ја традицијата“ кој се одржа во Градскиот парк во Скопје. Настанот е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу Фуд“ Македонија, со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка „ГИЗ“.

На манифестацијата, која се организира втора година по ред, се претставија 400 излагачи, мали производители на храна и пијалаци кои ги презентираа своите 2.000 вкусни производи приготвени по традиционални рецепти.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски:

„Почитувани граѓани,

Почитуван министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,

Почитувани министри и претставници на дипломатскиот кор,

Почитуван директор на Германското друштво за меѓународна соработка „ГИЗ“ за Северна Македонија,

Почитувана министерка за земјоделство на Република Србија,

Почитуван претставник на „Слоу Фуд“ Македонија, Николовски

Почитувани производители на храна и пијалаци,

Почитувани претставници на медиумите,

Навистина ми е драго што овој Национален саем за храна и пијалаци наречен „Вкуси ја традицијата“, каде на едно место може да се видат и вкусат нашите македонски традиционални производи, се одржува втора година по ред.

Честитки до министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до министерот Николовски и неговиот тим, и до „Слоу Фуд“ Македонија, за целосната организација на овој саем.

Годинава учествуваат над 400 изложувачи на храна и пијалаци. Сите овие производи што се изложени тука, тие се вистинската слика за нашата македонска земја, за нашата традиција.

Традиционални производи, кои од генерација на генерација се пренесувале, се чувале и се усовршувале. Но, го задржале единствениот наш македонски вкус – вкусот на традицијата.

Уникатниот вкус на македонските земјоделски производи, храна и вино, кои се произведуваат на оваа наша сончева земја, се нешто по кое што сме единствени и високо ценети во светот.

На овие штандови денеска се нашиот бакрдан, вкусното ѓомлезе, сочните сирења, кашкавали, македонското макало, нашиот македонски мед, ајвар, надалеку познатото македонско вино и уште многу други традиционални производи.

Нивниот квалитет е највисок и баран, а тоа е благодарение на нашата плодна почва и поднебје, на многуте сончеви денови и пред се на вредните раце на нашите земјоделци. Тоа е резултат на долги години земјоделска, сточарска, лозарска, овоштарска традиција, која посветено се пренесувала од генерација на генерација, тука во срцето на Балканот.

Денеска, овде, ја славиме традицијата, но истовремено ја испраќаме и пораката дека зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна е еден од најважните приоритети на Владата. Економската и енергетската криза покажаа колку е важно да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата.

Тоа подразбира стратегија која опфаќа повеќе сегменти, од модел на субвенции, капитални инвестиции, советодавни услуги, европски фондови до вложување во човечки ресурси.

Затоа, презедовме низа мерки за поддршка на домашното производство на храна, како што е новиот модел за субвенции, капитални инвестиции во водостопанството, поддршката за малите производители на храна, за малите семејни винарии, за младите земјоделци, за жените земјоделки и други мерки.

Паралелно, ги поддржуваме малите производители на храна со грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и грант до 5.000 евра за набавка на опрема за малите дестилерии.

И она што е најголем успех досега, Северна Македонија сега е лидер во регионот по искористеност на мерките од европската ИПАРД програма. Тоа резултираше со зголемување на средствата за ИПАРД 3, на 97 милиони евра. Ова се мерки за развој на земјоделството по европски терк. А сето ова е уште еден доказ, колку земјоделството и производството на храна ни е високо на листата на приоритети.

Јас не би должел повеќе, уште еднаш честитки за организаторите, и Ве поканувам заедно да ги вкусиме нашите традиционални, македонски производи, да ја вкусиме нашата традиција!

Ви благодарам.“