26/11/2024
Македонија

Ковачевски: Од денеска стартува и новиот 9-ти сет мерки – финансиска поддршка за ученици, студенти, пензионери, ранливи категории граѓани, земјоделци, компании – никој не е оставен сам!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот го објасни новиот пакет антикризни мерки, од 26 мерки, во вкупна сума за поддршка од 662 милиони евра, со коишто се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.

„Тоа се мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и на ликвидноста на компаниите, со што овозможуваме и економијата да се развива“, оцени премиерот Ковачевски.

„Со овој најнов 9-ти пакет антикризни мерки, кој како што кажав е во вредност од 662 милиони евра, од денеска, започнуваме таргетирана поддршка на ранливи категории граѓани,  ученици, студенти, пензионери, граѓани – корисници на социјална помош, граѓани со посебни потреби, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании во процес на зелена транзиција“, наведе премиерот Ковачевски.

Во посочувањето за мерките, премиерот рече дека над 105.000 ученици во основното образование и средношколци, во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно. 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за наредните 7 месеци. Опфатени се и корисници на надоместок заради попреченост, самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години, кои користат посебен додаток, на кои ќе им се исплаќаат по 2.000 денари во период од 5 месеци. Во следните 5 месеци, пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно. А за истиот период од 5 месеци, предвидена е и финансиска помош од по 2.000 денари за пензионерите со пензии од 14.000 до 16.000 денари и по 1.500 денари за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари. За земјоделците е предвидена авансна исплата на субвенции. 5.000 семејства ќе бидат поддржани преку Програмата за енергетска сиромаштија. Дека со пакетот се предвидени мерки за финансиска поддршка за инсталирање соларни панели во домаќинствата, а продолжува мерката за 90-процентно субвенционирање на цената на струјата, со којашто се опфатени 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи во кои се вработени 98% од нашите работници и за финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинства со ниски приходи – корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија, со 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Дека преку мерката „Мој ДДВ“ 540.000 корисници ќе имаат поврат на ДДВ, за што прагот е зголемен до 2.100 денари за секое тромесечје поединечно, од досегашните 1.800 денари на секое тримесечје. Обезбедена е и финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари.

Претседателот на Владата, Ковачевски, потсети и дека се враќаат пари кон граѓаните преку проектот „Мој ДДВ“. За 300 проценти е зголемена социјалната помош. Донесен е Закон за минимална плата со што двојно порасна минималната плата, а расте и просечната плата. Со новата методологија на пресметка на пензиите, за скоро 50 проценти е зголемена просечната пензија. А се помага и преку антикризни мерки.

„Во период од околу три и пол години, наменивме пакети антикризни мерки во вредност од околу 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството. А ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот. Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и на јавниот сектор“, дополни премиерот.

„Реков дека никој нема да оставиме сам. И до ден денес се придржувам до тоа што го кажав на првиот ден од преземање на позицијата претседател на Влада. Нешто што беше незамисливо за оние кои никогаш не мислеле на потребите на граѓаните, туку и порано кога беа на власт и денес кога се во опозиција мислат само на себе. До толку, што ако им е потребно, како сега предизборно – кога немаат ниту еден аргумент со којшто би ја побарале довербата на граѓаните, се подготвени да ја блокираат и европската иднина на граѓаните и државата, преку лажни ветувања и преку нудење планови коишто никој не ги видел“, рече премиерот Ковачевски на седницата во Собранието на Република Северна Македонија.