28/11/2024
Македонија

Ковачевски: Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, согласно стратешките интереси на земјата и на сите граѓани

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска одржа координативна средба со членовите на владината коалиција, на којашто ги информираше за содржината на предлогот на француското претседателство. По завршувањето на средбата, премиерот Ковачевски одржа прес-конференција за медиумите.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски од прес-конференцијата:

„Денес имавме средба за едно исклучително важно прашање, за иднината на државата и за сите наши граѓани. Заедно со владините коалициони партнери дискутиравме за предлогот кој вчера го доби Владата преку Министерството за надворешни работи. Тоа го ветив пред граѓаните, пред партнерите, во владината коалиција и сега го реализираме.

Денешниот состанок е прв од низата средби преку кои го започнуваме и водиме широкиот консултативен процес со нашата јавност. Вицепремиерот Маричиќ и министерот Османи денес го образложија и процесот и предлогот пред коалициските партнери. Разговаравме со факти, детали  но и имајќи на ум и предвид нашата стратешка позиција и цел, членството во ЕУ.

Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас, нашата позиција и стратегија дадоа резултат. Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изразени ставови.

За да изградиме официјален став како држава со оваа средба денеска го отпочнавме широкиот консултативен процес. Ќе продолжиме и со Претседателот на државата, кој е целосно досега упатен и консултиран со сите детали, ќе дебатираме и во Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупна јавност во земјата.

Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја.

Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа. Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед, го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет.

Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторуваме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција. Тоа мислам дека е повеќе од јасно сега дека е така.

Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на Македонски јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка. Многу важно за нашата позиција понатамошно и отпочнување на безусловно на преговарачкиот процес и одржување на меѓу владина конференција со Европската Унија исто така е инкорпориран во предлогот кој што е доставен кај нас.

Би сакал да повторам дека имаме план и стратегија која дава резултат.

Процесот за носење конечна одлука е транспарентен и ние ќе споделиме и со јавноста релевантни детали. После оваа средба целиот предлог ќе биде објавен на веб страната на Владата.

Но, од нас најмногу зависи како ќе тече и во која насока ќе се движи тој процес. Затоа ова е првиот состанок во државата, ова е првото и најважно место за носење мудри, прецизни и државнички ставови.

Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме ние, на принцип на заеднички позиции, мериторна основа, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани. Сакам да упатам јавна благодарност до сите кои беа конструктивно вклучени во процесот до сега.“

Во прилог интегрално предлогот на француското претседателство:

Draft EU Common Position for the 1st IGC

Draft General EU position

Draft Council Conclusions