26/11/2024
Македонија

Кривична пријава за пет лица поради сомненија за злоупотреба на службената положба и овластување, односно несовесно работење во службата

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против В.А.(56) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Ѓ.Т.(34) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против В.В.(59) и С.В.(35), двајцата од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, и против Љ.Т.(57) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“. Во декемри 2015 првопријавениот, како градоначалник на Општина Неготино, во повеќе наврати, на ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, исплатил 2.991.624 денари за изведени градежни работи на локален пат без комплетна документација за истите.

Притоа, надзорот на градежните работи бил извршен и потврден од правното лице кое немало склучено договор со Општина Неготино и не било потпишано од страна на градежен инжинер. Исто така, во текот на 2016 првопријавениот склучил повеќе договори за цесија со повеќе правни лица, со цел отстапување на парични средства во износ од 4.514.623 денари на ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, без комплетна документација за извршените градежни активности, односно без прилог на градежни дневници и потпис од градежен инжинер. Во наведениот период, второпријавениот, како градежен инжинер во Општина Неготино, и покрај тоа што бил овластен да присуствува во воведувањето на работа на надзорниот инжинер за наведените градежни активност, тој не присуствувал и не ја прегледал и потпишал документацијата од наведеното правно лице за извршените градежни активности.

Третопријавената, како управител ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино и четвртопријавениот, како овластено лице за изведување на наведените градежните активности изготвиле лажна документација за изведените градежни активности и ја употребиле при наплата од Општина Неготино за изведени градежни активности, со што се стекнале со противправна имотна корист од 7.506.247 денари. Петтопријавениот, како надзорен инжинер и сопственик во ДПИТУ „Хидро градежен инжинеринг“ ДОО Скопје, ги документирал и одобрувал наведените градежни активности на ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, и покрај тоа што во почетната фаза, наведеното правно лице немало склучено договор за вршење надзор со Општина Неготино. Со ова, пријавените овозможиле ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино да се стекне со противправна имотна корист од 7.506.247 денари, на штета на Буџетот на Р.С.Македонија.